Фото: Принтскрон Социјални мрежи

Искуствата покажуваат дека во томосите коишто Вселенската патријаршија ги давала на одделни православни цркви постоеле различни права и обврски, посочува аналитичарот

Нашата црква ѝ дојде пред порти на автокефалноста. Не постојат конкретни проблеми кои би можеле да се испречат на издавањето на томос. Вака Бранко Ѓорѓевски, познавачот на состојбите во православието ја оценува низата на настани кои изминатиот период се случија и се директно поврзани со Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

Токму според него, ова го покажа и вчерашниот последен настан со заедничка одржана литургија меѓу Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Архиепископот г.г. Стефан, кој го означи богослужбеното и канонско единство единство на нашата црква со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедецениската шизма наложена врз МПЦ-ОА.

Неколку дена претходно Вселенската патријаршија на г.г. Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт за отстранување на шизмата, со кој официјално се регулира меѓународното име и статусот на нашата црква.

Фото: Принтскрин видео Бигорски манастир

– Не гледам која православна црква, освен бугарската, би можела да се спротивстави. Но, и да има некакво спротивставување тоа не може да го попречи издавањето на томосот бидејќи ја имаме поддршката од двата „блока“ во православието (прорускиот и оној предводен од Вселенската патријаршија – н.з.) – посочува Ѓорѓевски.

Ова, според него значи дека на конечното издавање на томосот не би требало да се чека многу.

– Искуствата покажуваат дека во томосите коишто Вселенската патријаршија ги давала на одделни православни цркви постоеле различни права и обврски. Поточно, од дваесеттите години на минатиот век постои стремеж на Вселенската патријаршија да си има посебни права во однос на православната црква на која ѝ дава автокефалност. Тоа го покажува и последниот томос за автокефалност којшто таа ѝ го дала на Православната црква на Украина и во кој што ВП ја презеде јурисдикцијата врз нејзини епархии во странство, си направи свој Егзархат во Киев, се постави како второстепена судска инстанца за црковни спорови, нејзиниот поглавар не смее да ја менува титулата без согласноста на вселенскиот патријарх, наложи како ќе се формира Синодот на новата црква – објаснува аналитичарот.

Сето тоа, вели Ѓорѓевски, се дилеми кои сега се појавуваат и околу содржината на идниот томос којшто ќе ѝ биде издаден на МПЦ-ОА.

– Какви права и обврски ќе бидат предвидени за нашата црква? Тука, најмногу се мисли на прашањето дали Вселенската патријаршија ќе посака и ќе побара да ги добие ингеренциите и јурисдикцијата врз четирите епархии на МПЦ-ОА во дијаспората – по една во САД и Канада, Европа и две во Австралија. Ова прашање се потенцира откако во актот на ВП од 9 мај беше напишано дека јурисдикцијата на нашата Охридска архиепископија се однесува само на државните граници на нашата земја. Тоа го отвора прашањето: дали МПЦ-ОА ќе ја има јуридикцијата и надвор? Ако не таа, кој ќе ја има?
Значи, постојат повеќе прашања кои што сега ќе треба да се дефинираат и јас се надевам дека престојот на нашата делегација е искористен и за тоа. Прашањето на јурисдикцијата на епархиите на православните цркви надвор од нивни матични државни граници е прашањето за кое долго време се водат преговори меѓу православните цркви. Една од опциите за кои се бара општа согласност е да се формираат посебни Совети на епископи од православните цркви со кои би претседавал архиепископ од Вселенската патријаршија. Но, сите православни цркви би ги задржале богослужбите на мајчин јазик, сопственоста врз имотите, правото да поставуваат свештеници – посочува Ѓорѓевски.

Од таа причина, според него, МПЦ-ОА сега не би требала да брза со прифаќање на решенијата на своја штета.

– Не би сакал ова да стане проблем и причина за одолговлекувањето на издавањето на томосот и дека ВП треба да има разбирање за состојбата во којашто се наоѓа МПЦ-ОА, посебно во однос на врските со дијаспората. Не би сакал да добиеме томос со кој не би се чувствувале удобно во автокефалноста која ќе ни биде определена – заклучува Ѓорѓевски.