Историјата мора да остане настрана од политиката. Ако зборуваме за иднината и го вклучуваме и минатото, тогаш тука многу тешко ќе има некакво решение, изјави денеска македонскиот историчар Драги Ѓоргиев одговорајќи на новинарско прашање дали е дозволиво условите на Бугарија да бидат дел од преговарачката рамка за влез во ЕУ.
– Ние неколку пати сме изјавувале дека историјата мора да остане настрана од политиката. Тоа мора да се почитува. Историјата мора да остане надвор од политичкиот процес на разговори меѓу двете држави – рече Ѓоргиев во одговор на прашање, пред почетокот на промоцијата на изданијата на Институтот за национална историја во Музеј на македонската борба за самостојност.
На прашање дали за него се прифатливи бугарските гледишта, Ѓоргиев напомена дека резултатот од Комисијата покажува оти има големи разлики и дека нема апсолутна согласност на двете страни за одредени историски прашања.