Навраќање на творештвото и пораките на Петре М. Андреевски по повод 19-годишнината од неговата смрт
- Денешната 19-та годишнина од неговата смрт (25 септември 2006 година во Скопје) е уште една пригода за навраќање кон творештвото на овој книжевен растајнувач на индивидуалните судбини на македонскиот народ и на неговата колективна судбина, за судбината на пирејот, симболично идентификувајќи ги Македонците и нивната непокорливост
Свето Тоевски
Не дозволувајте некој друг да ни ги контролира и нашата свест и нашата национална гордост, кажа генијалниот книжевен идеолог на македонската национална кауза Петре М. Андреевски во својот „Македонски манифест“ од 2003 година. Денешната 19-та годишнина од неговата смрт (25 септември 2006 година во Скопје) е уште една пригода за навраќање кон творештвото на овој книжевен растајнувач на индивидуалните судбини на македонскиот народ и на неговата колективна судбина, за судбината на пирејот, симболично идентификувајќи ги Македонците и нивната непокорливост. „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева. …Племето наше е пиреј и не го ништи ниедна војска, ниедна болест“, ќе напише Петре. М. Андреевски во својот култен роман „Пиреј“ за животот на двајца сопружници, Јон и Велика, и нивните страдања за време на војните, разработувајќи ги на маестрален начин својата основна идеја и порака дека Македонецот опстојувал и ќе опстојува, наспроти сите премрежиња и тешкотии. Неговиот и наш македонски „Пиреј“, еден од најчитаните романи на поновата македонска книжевна епоха, е вистински споменик на македонскиот национален бит.
Делото на Андреевски со исклучителен придонес за зацврстувањето на македонската национална самобитност
Вкупното дело на Петре М. Андреевски претставува исклучителен придонес за развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и македонската национална самобитност. Но тој и во други свои јавни истапувања ги искажуваше своите предупредувања до македонскиот народ и своите видувања за опасностите во кои се наоѓа. Така, „Македонскиот манифест“ на Андреевски од 2003 година во апсолутна смисла е послание на овој толкувач на маките на македонската душа до секое, но би се рекло особено до ова денешно македонско поколение да им се спротивстави на сите угрози на опстојот на Македонија, на македонската нација, на македонизмот како македонска национална идеологија и филозофија на слободата.
Покрај другото, во „Македонскиот манифест“, Петре М. Андреевски им порачува на своите сонародници – Македонците: „Браќа и сестри, бидете на штрек! Не срамете се од ништо што е наше. Презирајте ги оние што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото, што ги позајмиле од нас. Сите оние што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна, која се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели и сето свето наследство“.
„Браќа и сестри! Ние сме избраниот народ, кој го имаше и Божјиот благослов да ги отвори вратите на христијанството кон Европа и да бидеме првиот мост за премин на неговите свети пораки и кон вечноста. Од оваа библиска земја Александар Македонски почна да ја оживотворува и идејата и првиот образец за светска држава. Тука е основан и првиот универзитет во Европа. Сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени, но не и победени воини“.
Петре М. Андреевски, исто така, истакнува во својот „Македонски манифест“: „Сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи видици. Никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. Колку и да сме имале некаков грев кон татковината, таа сепак ни проштевала. И останувала во нашиот копнеж да умреме во неа. Таа секогаш била она одбрано место, на кое сме можеле, дури и мртви, непречено да сонуваме. Браќа и сестри! Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. И низ секој изгрев што нè осветлува. Само така Македонија ќе ја видиме обединета во една толку величествена светлина. Зашто, нашето знаме е сонце, а тоа е најстариот оган, на кој се грееме“.
Порака за изградба на „национална програма за Македонија“
Во 2000 година во интервју за весникот „Нова Македонија“, запрашан што би им советувал на Македонците, големиот македонски писател и патриот ќе каже: „Да си ги вратат достоинството, храброста и вистината за себе!“
Денес, кога Бугарите, челниците на ЕУ и други странски емисари запнале по секоја цена, со ултиматуми, закани и диктати да го менуваат Уставот на суверена Македонија, еднакво е актуелен ставот на Петре М. Андреевски изнесен уште во октомври 1993 година, за тоа што е најпотребно да се направи и во овој вителен политички момент во кој се наоѓа нашата татковина, оти треба да изградиме заедничка национална програма за Македонија. Имено, во интервју за тогашниот неделник „Пулс“ во октомври 1993 година Петре М. Анреевски ќе укаже: „Наместо да градиме национална програма, во која Македонија ќе биде со консензус наша определба, ние им даваме готови решенија на соседите за нивните национални програми, во кои е вклучена и нашата земја. Сите нации се бранат самите себе, а нашава како сѐ уште да се брани од самата себе, односно од самите нас. Ние сме народ, кој е најподложен да се уништува себеси, народ кој ги претпочита туѓите вредности над своите. Сите наши соседи и денеска нѐ одрекуваат, и во исто време нѐ посакуваат. Како да не им е доволна нивната беда и како да не си се доволни самите себе. Во нас сѐ уште некои гледаат монета за поткусурување. Србите и Бугарите со нашата историја ги пополнуваат своите празни места. Албанците бараат простор за живеење“.
– Грците имаат страв и срам од нас, што се претвори во параноја. Под тој притисок тие го извршија најголемиот геноцид во историјата на Европа над македонското население во Егејска Македонија. А долго време по 1913 година тој ист дел од Македонија, во нивните документи се водеше како „Новоосвоени територии“. Сега го бараат ексклузивното право над Македонија и нејзиното име. А Грција најмногу се прослави по нејзиниот пораз од Филип и Александар Македонски. Значи, како поразена земја. Таа сега е најголемиот противник на признавањето на Република Македонија. А Македонија има централно место во светската цивилизација: двете светски писма и еден од првите универзитети. Македонија е и библиска земја, таа е постара и од Европа. А таа Европа денес, како некој пијан нунко, се мачи да нѐ прекрсти, смислувајќи и го новото име…“ – дополнува нашиот врвен поетски творец во споменатото интервју.
Запрашан за тегобите што сѐ уште ги трпи македонскиот народ, во истото интервју Петре М. Андреевски укажа: „Ние и слободата ја прифативме со мошне голем талог на ропска психологија. Дали е тоа, во најголем дел, последица на делбите на Македонија? Не знам. Имав еден пријател што имаше обичај да каже дека живееме во една третина татковина. Од тоа би требало да произлезе дека располагаме и со една третина слобода. Но слободата се остварува и во тоа колку сме готови да ја браниме и од нашите слабости“.
Две години подоцна во интервју за весникот „Вечер“ овој бележит македонски книжевен деец ќе изнесе една забелешка, небаре како уште тогаш да ги гледал денешниве убедувачки „екскурзии“ на Урсула фон дер Лајен, Марта Кос, Каја Калас, Антонио Кошта, кои им велат на Македонците „уште само сега ставете ги Бугарите во Уставот“, по што ќе им ги отворат „вратите на ЕУ-рајот“.
– Голема контроверзија се и белосветските политички манекени, кои секој ден дефилираат низ нашиот политички простор, … нудејќи ни решенија за сѐ и сешто, таму каде што сме нерешителни. Тие исти мисионери … во секоја пригода ќе се залагаат македонскиот ум да го однесат на периферијата од актуелниот миг, кажувајќи ни дека сме мал народ, мултинационална заедница со граѓански устав, каде што Македонците стануваат само граѓани, а малцинствата „национални етникуми“ – порача Петре М. Андреевски.
Во сличен контекст, во 1999 година на прашањето во какво време и каква земја живееме во интервју за весникот „Експрес“, академикот Петре М. Андреевски ќе нагласи: „Гледајќи кој сѐ доаѓа во некаква мисија кај нас, или уште поточно, во некаква инспекција, и дека секој што доаѓа не прашува како живееме ние, туку само како живеат малцинствата и колкави се нивните права, излегува дека ние треба уште веднаш да се иселиме од својата татковина. Нешто слично не дозволува ниедна суверена држава“.
Еден од најдаровитите македонски книжевни автори
Петре М. Андреевски e еден од најдаровитите и најпопуларни македонски поети, романописци, раскажувачи и драмски автори. Роден е во демирхисарското село Слоештица на 25 јуни 1934 година. Студирал на Филозофскиот факултет во Скопје на групата за југословенска книжевност. Работел во Македонската телевизија. Бил уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонскиот книжевен ПЕН-центар и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател). Во мај 2000 година бил избран како редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Почина на 25 септември 2006 година во Скопје. Во 2007 година посмртно е одликуван со Орденот за заслуги за Македонија.
Книжевното творештво на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во 1984 и 2002 година биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома. Тој ги напишал романите: „Пиреј“ (1980), „Скакулци“ (1983), „Небеска Тимјановна“ (1988), „Последните селани“ (1997), „Тунел“ (2003) и „Бежанци“ (посмртно).
Во делото на Андреевски се наредуваат стихозбирките: „Јазли“ (1960), „И на небо и на земја“ (1962), „Дениција“ (1968), „Дални наковални“ (1971), „Пофалби и поплаки“ (1975), „Вечна куќа“ (1987) и „Лакримариј“ (1999). Потоа, збирките раскази: „Седмиот ден“ (1964), „Неверни години“ (1974), „Сите лица на смртта“ (1994) и „Боеми“ (посмртно). Од перото на овој македонски книжевен деец излегле и стихозбирките за деца: „Шарам барам“, „Касни – порасни“ (сликовница), како и книгата со драми (1984), во која влегуваат „Време за пеење“ и „Богунемили“.
Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати). Македонската критика го прогласи романот „Пиреј“ за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката „Дениција“ ја има означено како химна на вселенската љубов, химна на жената и татковината и како златна книга на македонскиот модернизам.
Влада Урошевиќ: Петре М. Андреевски успеа да навлезе најдлабоко во древноста на Македонија!
Во рамките на минатогодишните „Струшки вечери на поезијата“ при чествувањето и на 90-годишнината од раѓањето на македонскиот книжевен великан и еден од најдаровитите македонски раскажувачи, академик Петре М. Андреевски, академик Влада Урошевиќ во својата беседа него како поет и воопшто како книжевник ќе го нарече „книжевен волшебник“.
– Од сите македонски поети, Петре М. Андреевски успеа да навлезе најдлабоко во древноста на Македонија, да го оживее тој свет, кој веќе, во детските години на овој поет, беше на работ на исчезнување и чиишто траги тој знаеше да ги насети и да ги изрази на еден извонредно креативен начин. Тргнувајќи од своето село, како од некое скриено јадро во кое се крие тајната суштина на цела една земја, Петре М. Андреевски ја слика, во својата поезија, картата на Македонија чиишто поетски граници се далеку пошироки и посеопфатни од географските граници – нагласи Урошевиќ во таа пригода. Св.Т.