На прашањето дали има договор за промена на Уставот, новиот спикер на Собранието Африм Гаши одговори дека тоа е сензитивно прашање, особено за Македонците.
Како што рече во интервјуто за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, Македонците биле понегативно настроени кон т.н француски предлог, а ВМРО-ДПМНЕ добила голем број гласови на изборите токму поради резервираноста по ова прашање.
– Сепак, сега сме во друга фаза – сакаме сите да одиме напред. Најголем број граѓани и политички партии, освен една, сите сме за интеграција на земјата во ЕУ, и тоа побргу, барем така се изјаснуваат декларативно. Треба да разговараме за тоа што ВМРО го стави во програмата. Ќе има и нови моменти по изборите во Бугарија и изборите во Европскиот парламент. Треба во мозаикот да се имаат сите елементи зашто цело е кога има сè, за да може ова горливо прашање да го решиме – истакна Гаши.
Нагласи дека стои на ставот прашањето да биде решено што побргу, но нагласи „не на сметка на рушење и на незачувување на култутрниот и јазичниот идентитет на Македонците“.
– Не можеме да ги ризикуваме меѓуетничките односи за друг проблем, така ништо не сме направиле. Треба да работиме на поголема кохезија на сите заедници, особено на првите две по големина – македонската и албанската. Ако имаме разбирање за нашиот културен и јазичен идентитет, само по себе ќе даде енергија во процесот на побрза интеграција на земјата во Европската Унија – рече Гаши.
На прашањето зошто заклетвата во вторникот во Собранието ја дал прво на албански, а потоа на македонски јазик, одговори дека било техничка работа и „не би сакал да се вовлече во дневна политика со такви мали работи“, а употребата на албанскиот јазик во Собранието, рече, е регулирана во 2008-2009.
– Тој ден беше празник за демократијата во Северна Македонија, се конституираше Собранието. Тоа е дневна политика и партиите го користат за некој евтин пи-ар. Јас не би сакал на тоа ниво да се симнам и да коментирам такви коментари. Немам никаков проблем со македонскиот јазик, го учам и зборувам истовремено со албанскиот од моите први години. Немам анимозитет кон македонскиот. Конститутивната седница беше подготвена од службите во Собранието, кои се професионалци и тоа беше технички, можеше прво да биде на македонски, битно е дека се прочита на македонски – додаде Гаши.
На прашањето дали сè уште се залага за „заедница на албански општини во Македонија“,одговори дека тоа било став на генералниот секретар на неговата партија Алтернатива и дека идејата била соработка во сегменти што ги засегаат жителите на тие општини, а темата тогаш, рече се политизирала и и се дало националистички предзнак.
– Нема таква конотација со националистички предзнак за федерализација како што сакаше да се прикаже. Никогаш не сме се изјаснувале за федерализација, затоа што тој модел не е компатибилен за оваа држава и затоа политички не сум ја застапувал таа тема – рече новиот претседател на Собранието.