Собранието во однос на процедурата е подготвено во секое време да ги отпочне уставните измени, но за да се отпочне тој процес треба политичка волја и договор за да имаме јасна перцепција, за да не почнеме нешто што нема да успее, изјави денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите.
– Во однос на Собранието, службите и процедурата ние сме подготвени. Се надеваме дека што побргу ќе дојдеме до тој политички договор за да се отпочне тој процес. Јас би сакал тоа да биде што побрзо затоа што мислам дека е од стратешко значење и важно да ги започнеме преговорите што побргу и да станеме полноправна членка на ЕУ – рече Гаши.
Во однос на оценката за Собранието во Извештајот на Европската комисија, според Гаши, таа е позитивна односно има мал напредок. Гаши рече дека во неговиот мандат нема злоупотреба на европското знаменце за носење на закони, како и дека големиот број на закони по скратена постапка се всушност усогласувања со Законот за организација и работа на органите на државната управа.
– Вчера од страна на амбасадорот на Европската унија, свечено во нашето Собрание пристигна Извештајот на Европската комисија. Во делот на Собранието можам да ви кажам дека вкупно оценката е позитивна. Има мал напредок. Наредната година ќе направиме се преку реформската агенда и преку сите препораки кои се дадени во Извештајот да ги имплементираме што побргу за следната година не само извештајот да биде позитивен туку тоа го правиме најмногу заради нас, да имаме пофункционално и потранспарентно Собрание и да бидат задоволни и пратениците и граѓаните од работата на Собранието – рече Гаши.
Се нотира, како што кажа, дека Собранието не го злоупотребува повеќе европското знаме, но дека се повторуваат скратените постапки.
– За жал, на почетокот на овој наш мандат заради новиот Закон за управа и работа на Владата повеќето од законите кои ни дојдоа во скратена постапка беа заради усогласување на имиња на институции и министерства. Затоа на почеток да имаме разбирање малку, но правам максимални напори со сите пратенички партии и пратеници, но и со Владата и со министрите, да ги убедиме да не предлагаат носење на закони по скратена постапка затоа што нема смисла и во насока на временските рокови – рече Гаши.
Нагласи дека Собранието закажува многу често седници, има предвидливост на седниците, така што дали три-четири дена порано или подоцна не се добива многу во време. – Ги убедуваме министрите повеќето или сите закони да ги предлагаат во редовна постапка затоа што мислам дека е добро и за нив, и за пратениците и за граѓаните и за заинтересираните страни за законите што ги носиме, рече Гаши во изјава за медиумите по брифингот.
Претседателот на Собранието рече дека нема информација од Владата кога ќе дојде Предлог-буџетот за 2025 година на дневен ред.