Претседателот на Собранието, Африм Гаши денеска се сретна со новоназначениот амбасадор на Кралството Шведска Ола Солстром.
Осврнувајќи се на, како што рече, одличните билатерални односи меѓу двете земји, Солстром истакна дека во текот на неговиот мандат ќе се фокусира на политичките односи, односно на продолжување на поддршката за интеграција на Македонија во ЕУ, на соработката во НАТО, како и на унапредување на економската соработка.
Шведскиот амбасадор се осврна и на билатералната парламентарна соработка, оценувајќи ја како многу динамична и плодна.
Гаши му го честита на Солстром назначувањето на амбасадорската функција и му посака успех на новата должност, изразувајќи надеж дека и во иднина ќе продолжи многу успешната и динамична соработка со Шведската амбасада. Тој ја искористи можноста да изрази благодарност до Кралството Шведска за континуираната поддршка за демократскиот и економскиот развој на нашата држава преку бројни развојни проекти, не само на политичко, дипломатско и институционално ниво, туку и финансиски, преку програмата за реформи за поддршка на евроинтегративниот пат на Македонија со околу 10 милиони евра годишно, што ја прави Шведска, истакна, најголем индивидуален донор меѓу земјите-членки на Унијата.
Двајцата соговорници се согласија дека бројната македонска дијаспора која живее во Шведска придонесува во голема мера за приближување на двете земји и за продлабочување на заемните односи.
Гаши потсети дека во сите досегашни состави на Собранието се формира Пратеничката група за соработка со Шведскиот парламент, со што во континуитет се покажува подготвеноста и желбата за интензивирање на меѓупарламентарната соработка и го поздрави и формирањето на ваква Група за соработка и во Шведскиот Парламент, како продолжување на блиската билатерална соработка.