фото: Маја Јаневска - Илиева

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека законодавниот дом е подготвен да ја почне процедурата за донесување на уставните измени, доколку, како што рече, има политички договор.

– Мислам дека јавноста ги знае ставовите на политичкото мнозинство во државата. Што се однесува до Собранието веднаш штом ќе има политички договор ние сме спремни да ја почнеме процедурата – рече Гаши коментирајќи ја вчерашната изјава на новата еврокомесарка за проширување Марта Кос дека очекува Македонија да го промени Уставот и да го забрзаме процесот.

Гаши смета дека веќе имаат обезбедено потребното двотретинско мнозинство за гласање на уставните измени.

– Мислам дека имаме две третини. Тој процес во Собрание, мислиме дека лесно ќе помине и ќе го реализираме, но зависи од политичкиот моментум – рече Гаши.

Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, во изјава за медиуми вчера истакна дека очекува Северна Македонија да го промени Уставот, бидејќи, како што рече, тоа е нешто на коешто смета Европската Унија. На прашањето дали после тоа може да се дадaт гаранции дека нема да има други блокади, Кос рече дека таа не е онаа којашто може да даде одговор на тоа прашање.