Претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши, оствари средба со претседателот на Владата на Република Унгарија, Виктор Орбан, кој престојува во посета на земјава, соопшти собраниската прес-служба.
На средбата присуствуваа и претседателката на Пратеничката група за соработка на Собранието на РСМ со Парламентот на Унгарија, Ели Панова и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот на Собранието притоа ја подвлече постојаната поддршка на Унгарија на евроинтеграривниот пат на земјава, која, како што посочи, несомнено е резултат на односите кои ги негуваат двете држави од воспоставувањето на дипломатските односи во 1994 година.
Гаши го информираше Орбан за формирањето на Групата за соработка со Унгарија на почетокот на мандатот и упати покана до претседателот на унгарскиот Парламент да ја посети земјава, нагласувајќи дека соработката меѓу двата парламента треба да се продлабочува и развива на сите нивоа, преку претседателски возвратни посети, групите за соработка, пратеници и службеници. Гаши искажа благодарност за заемот од Унгарија и истакна дека тој претставува нова енергија за нашата економија.
Премиерот Орбан се заблагодари за срдечниот пречек и отворените разговори со претставниците на државата. Нагласи дека средбите и меѓупарламентарната соработка е особено важна за односите меѓу двете држави и дека секогаш се залага и поддржува комуникација и соработка во сите сфери на општеството, особено меѓу законодавните домови. Унгарија останува посветен и отворен поддржувач на Северна Македонија во Европската Унија и високо ја цени улогата на земјава за заштитата на границите на Унијата, превенцијата од нелегална миграција кон ЕУ.
Соговорниците се согласија дека и соработката во НАТО ќе продолжи и ќе се унапредува во насока на враќање и одржување на мирот во Европа и во светот, се наведува во соопштението од прес-службата на Собранието.