Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот неделен брифинг информира дека не добил писмо од семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани.
Тој потенцира дека во ребалансот на буџетот, кој е во собраниска процедура, се предвидени средства за нивно помагање.
– Не сум добил такво писмо. Но, според моите сознанија, Владата односно Министерството за финансии и во ребалансот се предвидени средства кои одговараат токму на барањата на тие семејства. Во тој дел гледаме да бидеме внимателни. А, од друга страна, да им излеземе во пресрет како држава. Знам дека и СДСМ имаат неколку амандмани околу тоа прашање. Но, повеќето се совпаѓаат со предлозите на Министерството за финансии. Тоа е дел од фокусот. Владата и Министерството размислувале на таа насока и прават, според моите информации, се што е можно – рече Гаши.
Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“, што го основаа семејствата на починатите во трагедијата во клубот „Пулс“, испрати допис до државните и правосудните институции во кој се наведени неколку барања.
Во дописот до премиерот Христијан Мицкоски, до претседателот на Собранието Африм Гаши и до претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, родителите бараат да им биде исплатена законската финансиска помош, а исто така семејствата да ја добијат и потребната институционална помош.
– Доставивме барање до Основното јавно обвинителство – Кочани да посредува за да оствариме средба со претставници од судска медицина во Скопје. Исто така, имаме барање за комплетен видео и аудиозапис за време на судската постапка – се истакнува меѓу другото во барањето од Здружението.