Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир. На средбата станало збор за состојбата во Украина во однос на целосната руска агресија, како и можностите за натамошно унапредување на парламентраната соработка со Врховната Рада на Украина.
Како што соопшти собраниската прес-служба, Гаши ја потврдил безрезервната поддршка за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, како и напорите за воспоставување на сеопфатен, праведен и траен мир во земјата.
Тој се осврнал на плодната соработка меѓу двата парламента, на билатерален и мултилатерален план, како и улогата на пратеничките групи за пријателство и соработка. Гаши, исто така, го подвлече значењето на Интерпартиската парламентарна група на Собранието на Република Северна Македонија за поддршка на Кримската платформа.
Амбасадорката Дир се заблагодарила за севкупната поддршка и за досегашната помош од нашата земја и изразила очекување дека тоа ќе продолжи и во иднина.
-Таа нагласи дека поддршката од пријателските земји е од особено значење за Украина и украинскиот народ. Во таа насока, амбасадорката информираше за претстојните меѓународни состаноци на кои се очекува учество на високи претставници од нашата земја, меѓу кои и Четвртиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, што ќе се одржи во ноември годинава во Стокхолм – стои во соопштението на собраниската прес-служба.
Претседателот Гаши и амбасадорката Дир се осврнале и на европската интеграција на двете земји и можностите за соработка на ова поле. Тие се согласиле дека земјава и Украина имаат одлични билатерални односи, со голем потенцијал за натамошно унапредување на соработката во различни полиња од заемен интерес.