Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите соопшти дека кон крајот на јули или почеток на август треба да се распишат локалните избори.
Коментирајќи ја можноста некои од законите што се однесуваат на изборите да не се донесат навреме, спикерот рече дека ако тоа се случи тогаш ќе одат на избори со старите решенија. Станува збор за законските измени околу изборот на градоначалниците, државното финансирање на кампањите, но и законските измени што треба да одговорат на препораките на ОБСЕ за поголема регуларност на гласањето.
-Имаме најава само за Законот за локална самоуправа, дека е побарано да се организира јавна дебата – нагласи Гаши посочувајќи на надлежноста на Министерството за правда за примена на препораките на ОБСЕ. Тој притоа изрази уверевување дека поголемиот дел од тие препораки ќе бидат прифатени бидејќи, како што рече, нема некоја суштинска разлика во ставовите на партиите околу нив.
Во однос на објавениот конкурс за изработка на идејно решение за лого на Собранието, Гаши истакна дека потребно е ново модерно лого кои ќе биде, како што рече, прифатливо за сите.
-Сакам ново модерно лого, прифатливо за сите, поедноставно, порепрезентативно, поинклузивно… што нема да го прават политичарите туку дизајнери и за него ќе решава стручна комисија. Јас немам да учествувам во тоа, само ќе го прифатам изборот – рече тој.
Околу трагедијата во Кочани кога Собранието „се самораспушти“ две недели и не одржа ниту комеморативна седница ниту пак обезбеди донации за настраданите, Гаши истакна дека не е точно оти зеле слободни денови бидејќи, како што посочи, доаѓале во Собрание, расправале и за комеморативна седница и за донации, но заеднички заклучиле дека е подобро секој сам да донира средства место тоа да биде организирано и јавно. Потенцира дека заеднички одлучиле да не се одржи комеморативната седница за трагедијата во Кочани, за да не биде, како што рече, злоупотребена за отворање други прашања.
-Сакам да истакнам дека на ова прашање дали да има комеморативна седница или не, му пријдовме со големо внимание. На состанок со координаторите на пратеничките групи, јас го поставив прашањето и по дискусијата заклучивме дека ако закажам комеморативна седница за трагедијата во Кочани, ќе се отвори прашањето зошто немаше комеморативна и за жртвите во пожарот во модуларната болница во Тетово, за жртвите во несреќата во Бугарија и други – одговори Гаши.
На забелешката дека впечатокот е дека Собранието се сокри во време на најголемата трагедија во Македонија за да си го заштити рејтингот, Гаши истакна дека никој не може да зборува во име на јавноста и дека таа треба да процени дали постапиле правилно или не.