Фото: Африм Гаши /Фејсбук

Кодексот за етичко однесување на пратениците треба да биде етичка сила што ги води и насочува сите други институции, оти ние сме тие што ги претставуваме граѓаните. Нашата заложба ги одразува нивните интереси, а нашето однесување е примерот што ги претставува нив. Донесувањето на етичкиот кодекс е и моја лична заложба со цел подигнување на политичка култура и севкупно подобрување на меѓу – институционалната соработка.

Ова го истакна претседателот на Собранието Африм Гаши во своето обраќање со кое ја отвори Работилницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која се одржува во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОДИХР и НДИ а со која беше означен почетокот на процесот за донесување нов етички кодекс за пратениците. Тој се осврна на досегашната пракса на однесување во Собранието, која рече за жал не доликува на еден храм на демократијата.

– За жал, ова Собрание кое требаше да биде храм на демократијата од минатото до денес често дејствувало и се уште дејствува спротивно на овој идеал. Она што оваа институција го има видено, слушнато и доживеано не беа само судир на мислења аргументи или обична дебата. Наместо тоа стана срамна сцена на насилство, навреди, закани и различни облици на вознемирувања, понекогаш шовинистички, понекогаш расистички, а понекогаш и сексистички. Замената на етиката и достоинството со омраза и агресија не му послужи на Собранието, а уште помалку на граѓаните. Овие судири не само што ја поткопаа довербата во институцијата туку создадоа и силно поларизирана средина – рече претседателот на Собранието.

Тој подвлече дека дури и денешното ниво не остава многу простор за задоволство, бидејќи, вели како претседател на Собранието често се соочува со низок квалитет на дебата, навреди меѓу колегите пратеници и разни прекршувања на правилата за пристојно однесување.

– Затоа од првиот ден на мојот мандат постојано повикувам  на почитување на етичкиот кодекс и на изразување на нашите политички ставови на достоинствен начин, заштитувајќи го интегритетот на Собранието и на граѓаните што ги претставуваме. Ние немаме имунитет за да ја уништиме конструктивноста, соживотот и демократијата, туку за да ги развиеме истите. Секое наше дело и збор има последици врз угледот и довербата на оваа институција. Затоа клучно е да имаме јасен и силен етички кодекс кој ќе ги насочува нашите постапки и ќе обезбеди висока култура на дебатирање – вели Гаши.

Според него, ако сакаме да изградиме праведно и еднакво општество треба да почнеме токму од ова Собрание и ние да бидеме пример за вредностите кои сакаме да ги промовираме, а тоа е дијалог, а не поделби. Целта кон која треба да се стремине е професионално Собрание, достоинствени пратеници и ефикасни решенија, порача Гаши и упати повик до политичарите и пратениците да го почитуваат етичкиот кодекс и да се однесуваат достоинствено со заемна почит и да работат на унапредување на политичката култура.

Претставникот на ОБСЕ-Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР) Константин Варџевашвили во обраќањето на работилницата за парламентарен интегритет и кодекс на однесување истакна дека остануваат посветени да и помогнат на Работната група во нејзината задача за подготовка на новиот етички кодекс во Собранието кое игра важна улога во одржувањето на етичките стандарди.

– Нацрт кодексот и нацрт – насоките ја одразуваат потребата за градење доверба кон сограѓаните исто така и доверба меѓу пратениците. Секако кодексот го нагласува интегритетот и треба да спречува судир на интереси и да ја унапредува довербата. Преку овие клучни вредности ние го унапредуваме инклузивното владеење во една растечка демократија – рече претставникот на ОДИХР оценувајќи дека присуството на Гаши на оваа работилница е потврда за силната политичка волја дека овие стандарди ќе станат реалност и дека ќе биде донесен ефективен кодекс на однесување кој нема да биде само на хартија туку ќе биде спроведен и во пракса.

Роберт Скот Хеслет виш резидентен директор од НДИ, укажа дека веќе е изготвен нацрт кодекс на однесување од работната група од претходниот парламентарен состав и би сакале да биде земен предвид од новата работна група од овој мандат. Прашања кои биле предочени од ГРЕКО (Група на држави против корупцијата) и кое се очекува да бидат адресирани со кодексот што треба да се донесе се однесуваат меѓу другото на подароците, на финансиската транспарентност, како и на неговата практична имплементација. Во нацрт документите е содржан и  документ за интегритет.

– Во 2021 година ОДИХР објави позитивно мислење за овие документи. Во 2023 година ГРЕКО го поздрави напредокот во рационализација на кодексот и креирањето на оваа работна програма, а во 2024 година ТАИЕХ забалежа дека нацрт документите се исклучителни и дека можат да служат како модел за целиот свет – рече меѓу другото Скот Хеслет кој кажа дека парламентарните групи на минатонеделната средба ја поддржале оваа иницијатива и дали свои препораки.

Новата работна група за Кодексот за однесува на пратениците беше формирана претходно денеска на седница на собраниската Комисија за мандатно – имунитетни прашања.

Во Собранието веќе е донесен и се применува новиот кодекс за однесување на собраниската служба.