Фото: Собрание

Надзорната расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето ќе се одржи во Комисијата за здравство. Од Кабинетот на претседателот на Собранието попладнево информираа дека тој ја назначил оваа Комисија како матично работно тело за расправата.

– Комисијата за здравство сега соодветно ќе ја свика седницата, за да се погрижи расправата да се одвива на организиран, деловнички и законски начин. Собранискиот надзор е суштински, но и почитувањето на Деловникот за одржување на кредибилитетот и отчетноста. Собранието останува посветено на решавање на важни јавни прашања, истовремено обезбедувајќи процедурален интегритет – се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши.

Оттаму информираа дека на 6 февруари претседателот на Постојната анкетна комисија Димитар Апасиев доставил известување дека надзорната расправа ќе се одржи на 25 февруари, а дел од членовите на оваа Комисија на 13 февруари доставиле известување со кое укажале дека во однос на оваа јавна расправа има постапувања кои не се во согласност со Деловникот. Укажувањата биле проследени до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања која на 17 февруари заклучила дека не биле испочитувани процедуралните правила по што претседателот на Собранието го информирал Апасиев дека закажаната јавна расправа не може да продолжи под тие околности.

– На 30 јануари 2025 г., доставено е Барање од 20 пратеници до Претседателот на постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, преку Претседателот на Собранието за одржување на надзорна расправа на која ќе се расправа за ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје. На 6 февруари 2025 г. Претседателот на Постојаната анкетна комисја, г. Апасиев достави известување дека надзорната расправа ќе се одржи на 25 февруари 2025. Дел од членовите и замениците членови на Постојаната анкетна комисија за заштита на слoбодите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Северна Македонија, на 13 февруари 2025 година, под архивски број 17-933/1 до Претседателот доставија Известување во врска со надзорната расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слoбодите и правата на граѓанинот на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“ закажана за 25 февруари 2025 година, СО КОЕ УКАЖУВААТ ДЕКА во врска со оваа јавна расправа има постапувања кои не се во согласност со Деловникот. Овие укажувања беа проследени до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања согласно членот 62 точка 3 од Деловникот, а за што беше известен и г. Апасиев. Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го разгледа предметот и на 17 февруари заклучи дека не се почитувани процедуралните правила. Следствено, на 19 февруари, претседателот го информираше г. Апасиев дека закажаната расправа не може да продолжи под тие околности – се наведува во писмениот одговор од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, пратеникот на Левица, Димитар Апасиев вчера на прес-конференција обвини дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ прават опструкции и саботажи за надзорната расправа за аерозагадувањето. Од претседателот на Собранието Африм Гаши побара да не го зема предвид мислењето на Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања и да не го опструира процесот, бидејќи ќе се соочи со правни постапки.

Апасиев објасни дека добил допис од Гаши дека дваесет пратеници од опозицијата од него побарале да свика надзорна расправа за аерозагадувањето, што било негова деловничка должност така да постапи. Тој рече дека Постојаната анкетна комисија веќе е во „неповратен“ процес на канење на четириесет гости меѓу кои премиерот и двајца министри, единаесет претставници на јавни органи, шест градоначалници, четири експерти и професори, осум екоактивисти, четири истражувачи новинари и тројца од приватен сектор.

Барање за одржување надзорна расправа испратија и 61 пратеник од владејачкото мнозинство во Собранието откако Комисијата за деловничко и мандатно имунитетни прашања донесе мислење. Како што вчера на прес-конференција изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски, надзорна расправа ќе се случи со целосно почитување на одредбите од Деловникот.