Afrim Gasi
Фото: Собрание

Евроинтеграцијата не се гради во Брисел, туку дома, во нашите одлуки и начинот на кој постигнуваме консензус, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, на осмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија (НКЕУ-МК), одржана денеска во Собранието.

Гаши нагласи дека ниту едно билатерално прашање не смее да биде пречка за напредокот кон ЕУ, додавајќи дека примерите на Албанија и Црна Гора покажуваат дека процесот е реален и достижен.

-Нашиот натпревар не треба да се одвива во реторика, туку во изнаоѓање заеднички решенија за заедничките проблеми – истакна тој.

Претседателот на Националниот совет за европска интеграција, Венко Филипче, предупреди дека државата губи време поради недостиг на политичка волја за суштински реформи.

– Јасно кажува извештајот на ЕУ, реформи нема, го губиме времето. Ова е еден од најлошите извештаи кои државата ги добила – рече Филипче, нагласувајќи дека нема напредок во клучни области како правосудството, борбата против корупцијата и медиумските реформи.

Тој додаде дека е неопходен широк политички консензус за спроведување на реформите и уставните измени, бидејќи, како што рече, Собранието е единственото место каде што треба да се постигне договор за европската иднина на земјата.

Заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања Игор Здравковски истакна дека Националната конвенција е клучен форум за инклузивна јавна дебата, каде се вклучени Владата, Парламентот, граѓанското општество и академијата.

-Реформите мора да продолжат, бидејќи секој застој или отстапување од европските реформи ќе нè турне во ќорсокак и ќе значи само загубено време и енергија – истакна тој, потсетувајќи дека Планот за раст на Западен Балкан, усвоен од ЕК, обезбедува финансиска помош за инклузивни и одржливи реформи.

Потенцира дека законот во сферата на правната држава мора да биде резултат на широк политички, експертски и општествен консензус.

Според него, злоупотребата на европското знаменце веќе нема да се случува, а Собранието ќе биде гарант за транспарентен и предвидлив процес.

-Прво да си ја завршиме домашната задача, а потоа да гледаме кон дијалог – заклучи тој.

Настанот се одржува под мотото „Реформи од другата страна на реториката: Регионални предизвици на патот кон Европската Унија“, со учество на пратеници, амбасадори, експерти од правосудството, академици и претставници од Словачка, Албанија и Србија.