Премиерот Христијан Мицкоски го повтори ставот за добивање гаранции на патот на земјава кон ЕУ, со цел да нема нови условувања од страна на Бугарија. Вели дека оваа ситуација е наследена од претходната влада и според него, катастрофално водените политики не можат преку ноќ да се исправат.
-Кога некогаш на меѓународна сцена се прават исклучоци, тогаш тие можат да испровоцираат поголеми катастрофи кои потоа ќе се повикуваат на тие исклучоци. Во случајот со нас и нашиот пат кон ЕУ, такви исклучоци и преседани се направени многу. Еден од тие преседани е и овој, и ако навистина сите ние мислиме дека ова е последно, и дека повеќе нема да има билатерални спорови, и дека повеќе нема да има билатерални прашања и дека нема да имаме владеење на право кое ќе биде различно за едни, а различно за други, тогаш тоа што ние го бараме како Влада – почитување на правата на македонската заедница кај нашиот источен сосед и гаранции да речеме во форма на заклучок од Европскиот совет, навистина дека нема никој против македонскиот идентитет, македонскиот јазик, дека нема да има повеќе вето поради билатерални прашања претставува нешто што е темелна вредност, ние не бараме нешто што е повеќе од тоа или помалку од тоа – рече Мицкоски во „Топ тема“ на „ТВ Телма“.
Според него, доколку не го добиеме тоа, „значи дека некој има скриени намери и на некому не можеме да му веруваме“.
-И можеме многу лесно да очекуваме дека и покрај направени, условно кажано, уставни измени понатаму во процесот на преговори повторно ќе се појави некоја недоумица некое прашање или нејасна работа која ќе треба повторно да ја дообјаснуваме со ново вето, со нови пречки. Затоа вака да ги поставиме работите, кои во рамки на оваа ситуација која ја имаме наследено од претходната влада после целосна капитулација, мислиме дека тоа е нешто кое претставува темелна вредност која ја заслужуваме како народ после се она што сме направиле за тие евроинтеграции – рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека не се само уставните измени, туку и предлози надвор од Копенхагенските критеруми.
-Видовме дека кај некои политичари во рамки на Европскиот парламент дека има поинакви амбиции и тоа нам ни беше доволен индикатор за да го ставиме прстот на чело – не се само уставните измени, таму имаше предлози кои немаат никаква врска ниту со Копенхангенските критериуми, ниту со европски вредности туку со некој сосема хегемонистички пристап, асимилаторски пристап којшто потсетува на некои други векови и на некои други времиња – рече Мицкоски.
Нагласи дека секој политичар кој ја добил довербата од граѓаните и има можност да биде државник мора однапред да определи неколку чекори.
-Мора да гледаме неколку чекори однапред и да направиме стратегија која на нас ќе ни отвори пат. Не можеме за година и половина да направиме нешто што некој со децении го распродавал. Направени се катастрофални грешки и ние имаме работа со многу поброен и многу помоќен противник. И ако мислите на инстант резултати, тоа нема да се случи, ниту пак сме ветиле такви резултати. Ние само сакаме да водиме политика која нема да биде срамна, но ќе биде тешка. И ние тоа сме го ветиле – посочи премиерот.

































