фото: Маја Јаневска - Илиева

Од 11 до 13 јули живописниот Галичник повторно ќе заживее со звукот на зурлите, тапаните и традицијата – ќе се одржи Галичка свадба, една од најавтентичните и најпрепознатливи културни манифестации во земјава. Овој уникатен настан, живо сведоштво за македонската традиција, култура и обичаи, повторно ќе го привлече вниманието на домашните и странските посетители кои сакаат да ја доживеат автентичната свадбарска приказна од мијачкиот крај.

фото: Маја Јаневска – Илиева

Годинешните младоженци, Јован Филипоски — потомок на старото галичко семејство Филипоски, и Лилјана Михајлоска, велат дека учеството во манифестацијата за нив претставува исполнување на животен сон.
– Уште како дете сонував еден ден да бидам дел од Галичка свадба. Тоа се многу повеќе од свадбарски обичаи, тоа е љубов, идентитет и исконска гордост – вели Јован. – Чувството кога облекуваш автентична носија и чекориш низ истите патеки по кои чекореле генерации пред тебе е неописливо. За нас ова е завет и голема чест – додава Лилјана.

фото: Маја Јаневска – Илиева

Во текот на тридневната програма, гостите ќе бидат сведоци на целосната свадбена церемонија исполнета со традиционални обичаи, носии, песни и ора, кои Галичка свадба ја прават единствена на Балканот и пошироко.
Организатор на манифестацијата е месната заедница „Галичник”. Честитајќи им на годинешните галички младоженци, нејзиниот претседател, Огнен Караѓозовски вели дека со посветеност да ја чуваме оваа ретка традиција жива.

– Радува фактот што секоја година се зголемува интересот кајмладите генерации да бидатдел од Галичка свадба. Тоа за наспретставува најсилен доказ дека обичаите и културното наследство се темел на нашиот идентитет, сегашности иднина Благодарни сме на институциите и големиот бројкомпании чија поддршка има пресудно значење за организирањето и одржувањето на атрактивноста на манифестацијата – рече Караѓозовски.

И оваа година покровител на манифестацијата е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а поддршка пристигна и од Министерството за култура и туризам, со што се потврдува значењето на Галичка свадба како национално културно богатство кое заслужува институционалне поддршка и меѓународна афирмација.

За време на одржување на манифестацијата организаторот најавува посебен сообраќаен режим во селото, а беше повторен и апелот за одговорно однесување, особено консумирањето алкохол и грижата за природата.

Галичка свадба 2025 ќе се одвива во три дена. Манифестација ќе започне в петок, 11 јули, со премиерна изведба на монодрама во чест на 150 години од издавањето на Тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, а ќе биде изведена на мијачки дијалект. Потоа следува забава со диџеј-сет за помладите посетители.
Во сабота, на 12 јули, започнуваат свадбарските обичаи, со пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро. Особено впечатлив момент ќе биде изведбата на ората кои го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овојкрај-„Невестинското“ и „Тешкото“ на националниот фолклорен ансамбл „Танец”, на платото пред прочуената чешма Упија. Во вечерните часови, невестата придружувана од свадбарите, со борини и факели во рака, ќе оди да полни вода од прочуените три чешми во селото: Секуличе, Динговиче и Упија — обичај поврзан со семејната среќа.
Во недела, 13 јули, денот ќе започне со традиционалните „канење на мртвите”, „канење на кумот”, „бричење на зетот” и „тргнување по невеста“, во чии рамки е и прочуениот обичај „гледање низ прстен“. Потоа следуваат испраќањето на невестата и дарувањето, како и венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија. Целата програма, која ги вклучува сите традиционални свадбарски обичаи, ќе биде емитувана преку видео-екран поставен на централното плато во селото, а ќе биде емитувана „во живо“ и на социјалните мрежи, со што манифестацијата се доближува и до оние кои немаат можност да бидат физички присутни на настанот.

фото: Маја Јаневска – Илиева

И оваа година главен спонзор на „Галичка свадба” е „Пивара Скопје“, заедно со „Скопско“.
– Чест ни е што и оваа година сме дел од Галичка свадба — симбол на љубовта, заедништвото автентичната традиција и култура – изјави Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата во компанијата.