По повод одбележување на 8 Септември – Денот на независноста на државата, владина делегација предводена од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, утрово положи свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски во Алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

Во состав на владината делегација која им оддаде почит на двајцата претседатели коишто ќе останат запаметени по нивната впечатлива трага во градењето на нашата државност, беа првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за здравство Фатмир Меџити.


Покрај владината делегација, цвеќе положија и делегации на кабинетите на претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието, потоа на Сојузот на Борците, дипломатскиот кор, како и претставници на политичките партии.

Чествувањето на Денот на независноста – 8 Септември продолжува со богата културно уметничка програма во Градскиот парк во Скопје, како и културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки се обезбедува бесплатен влез за граѓаните во културните установи, музеи и галерии низ целата држава.