ПАНИХИДА ПО ПОВОД 152 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
Денес, по повод одбележувањето 152 година од раѓањето на великиот македонски револуционер Гоце Делчев, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со свештенослужители на Скопската епархија, отслужи Панихида пред Гоцевиот гроб, во дворот на храмот ,,Вознесение Христово” (,,Св. Спас”), крај Скопско кале.
На молитвеното застапништво за овој велик син на Македонија, Архиепископот ја произнесе следнава беседа:
ДАЛИ СМЕ ДОСТОЈНИ ЧЕДА НА ГОЦЕ?
Возљубени потомци и почитувачи на Гоце,
Еве, со денешниов ден, поминаа 152 години од раѓањето на Гоце, а по три месеци ќе се навршат и 121 година откако тој го даде својот млад живот за слободата на Македонија. Времето тече, поколенијата минуваат, но, и покрај откажувањата од него и предавствата кон него, споменот за Гоце меѓу нашиот народ останува, а и љубовта кон него не се намалува.
Наоѓајќи се овде, пред неговиот гроб, покрај неговите мошти, на местово што тој го одбра за да почива – во главниот град на независна Македонија, секој од нас и сите заедно треба да размислуваме не само колку ние се гордееме со него, туку и колку и дали Гоце се гордее со нас?! Потребно е и да се запрашаме колку и дали за достојни родољупци нè смета Гоце и колку и дали, гледајќи ги нашите поединечни и заеднички дела, во нас согледува свои вистински чеда, кои ги чуваат и се подготвени да ги бранат неговите идеали и аманети, аманетите на неговите собраќа и соборци, како и аманетите на сите коишто своите животи ги положиле во буните, востанијата и борбите за слободна Македонија?!
Зашто прославувањето на нашите народни јунаци и херои, на оние коишто, како и Гоце, се воделе со максимата на великиот поет (Хорациј), кој рекол: „Слатка и прекрасна е смртта за Татковината“, не смее да се состои само во одбележување на годишнините од нивните родендени и од нивните саможртви, туку треба да биде и во споделување на нивната љубов кон својата Татковина.
Затоа постојано, а особено овде, стоејќи пред вечниот дом на Гоце, да се запрашаме: дали навистина Гоцевите родољубие и домољубие се и наши!? Па, Гоце и многубројните комити и борци, борејќи се храбро, се дадоа себеси за слободата на Македонија. А што, пак, даваме ние?! Бакнувајќи го Евангелието, Гоце и неговите соборци се заветуваа: „Слобода или смрт!“ – за Татковината, и на дело ги потврдуваа своите зборови! Колкумина од нас денес се подготвени да го речат и, особено да го исполнат тоа?! А во ова време на секојдневни искушенија, најмногу е потребно да внимаваме на себеси, на она што сами си го правиме, како на морален и духовен, така и на национален и политички план. Нема, или би била тешка иднината ако она што го работиме не се гради врз правда, вистина и љубов! Нашите предци се примери на кои и денес треба да се угледуваме, дека љубовта кон Татковината и кон родот се потврдува со дела и со жртви, и само на тој начин можеме да им се оддолжиме за сè што ни оставија. Крајно време е да го сфатиме тоа! Крајно време е да увидиме дека Македонија не е само парче земја, не е само географија, туку е библиска и овековечена земја, е земја, како што велеше Горан Стефановски, со „свето име“!
Затоа да придонесуваме за да им биде и да им остане вечен споменот и на Гоце и на сите коишто себеси се дале за нашата слобода! Ние, пак, достојно да живееме според нивните идеали, и нашите идни поколенија да ги учиме на љубов кон верата, кон родот и кон Татковината, та да продолжат да опстојуваат и да торжествуваат и македонската држава, и Македонската Црква, и македонскиот јазик, и македонската култура и историја – и сè што е македонско!
Вечен нека му е споменот на Гоце, и довека нека траат неговите идеали и неговата и наша Македонија! Амин!
МПЦ-ОА
Скопска епархија