Ставот на актуелниот претседавач со ЕУ, Франција е јасен – а тоа е безрезервна поддршка за отворање колку што е можно побрзо на претпристапните преговори и за земјава и за Албанија, рече вчера францускиот амбасадор во земјава Сирил Бомгартнер. Тој кажа дека ако во билатералните разговори меѓу Скопје и Софија се постигне вистински напредок чија што завршница би значело отворање на преговорите, Франција не само што е подготвена и расположена да го направи тоа за време на своето претседателство, туку ќе и биде и вистинска чест.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, пак, вчера подвлече дека интересот на земјава во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и идентитет, но главен стремеж на земјава се и преговорите со ЕУ. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, изрази очекување дека новата динамика во разговорите ќе резултира со позитивно решение и оти за нас е многу важно што Франција го поддржува процесот на интеграција со земјите од Западен Балкан со јасно поставени стандарди.
Францускиот амбасадор Бомгартнер, во однос на тоа дали смета дека новиот пристап во дијалогот меѓу Скопје и Софија ги дава посакуваните резултати, тој вели оти станува збор за работа што е во тек, за којашто преговараат двете земји, но оти го охрабрува раздвижувањето на разговорите.
– Она што е јасно е што навистина постои нов пристап во преговорите што беше посакувано од двете страни, се води дијалог на највисоко ниво и тој дијалог е интензивен. Во овој момент навистина постои билатерална работа за која што се преговара за конкретни теми. За нас, Франција, земја која што претседава со Советот на ЕУ е многу важно да бидеме редовно и постојано информирани за сите прашања. И токму тоа се случува. Има постојан дијалог меѓу двата главни града, постојано информирање, особено преку заемните посети на високо ниво. Има совршена координација и меѓу нас Европејците и европските институции – рече Бомгартнер.
Тој подвлече дека со огромно внимание се следи ова прашање во европски рамки, но овој процес во моментот е во билатерални рамки, и повтори дека и француското претседавање со ЕУ го следи ова раздвижување, го охрабрува раздвижувањето и оти се подготвени како француско претседавање со ЕУ во даден момент да ја преземе својата одговорност.
Во однос на тоа дали Франција ќе преземе конкретна иницијатива во следните месец два во однос на ова прашање, тој вели оти Франција не е таа којашто ја утврдува агендата.
– Агендата ја утврдуваат двете засегнати земји, односно Северна Македонија и Бугарија. И се ќе зависи од развојот на настаните особено од развојот на разговорите коишто се спроведуваат во рамки на сите работни групи. Ќе ви кажам дека француското претседателство со ЕУ заедно со европските институции е спремно кога ќе дојде соодветниот момент да се преземат конкретни чекори за да се постигне среќниот крај којшто го посакуваме сите – заклучи Бомгартнер на конференцијата во МНР посветена на спортската дипломатија.
Во Информацијата за програмата и приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската Унија, што ја усвои вчера Владата на седница, како што информираа оттаму, главна цел е трансформирањето на ЕУ во една силна Европа во светот, целосно суверена, слободна во својот избор и господар на својата иднина.
-Како исклучително позитивен и значаен е делот од програмата со кој недвосмислено се потврдува посветеноста за Западен Балкан, притоа силно нагласувајќи ја важноста и одговорноста на ЕУ која ја има кон европските перспективи за земјите од регионот – информираа од Владата.