Фото: МВР

Од денеска е отворена реконструираната административна зграда на единицата за службени кучиња К9 во Хиподром во Скопје. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека овој проект кој што е финансиран од ОБСЕ, придонесува кон јакнење на капацитетите на МВР кога станува збор за проблематиката со контрола на малото и лесно оружје и муниција.

-Во годината во која нашата држава претседава со ОБСЕ, можеме да кажеме дека преку бројни проекти ги докажуваме приоритетите кои се насочени кон континуирано унапредување на институционалниот капацитет. Етаблираме нови знаења и вештини, ја зголемуваме професионалноста на вработените, а со тоа и безбедноста на граѓаните – рече Спасовски кој денеска присуствуваше на свечено отворање на овој објект.

Спасовски ги истакна и дел од проектните активности што МВР во партнерство со ОБСЕ ги спроведе, а во насока на низа градежни активности за унапредување на условите за работа. На свеченото отворање денеска присуствуваше и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, кој ја потенцираше важноста од градење на мрежи и соработка помеѓу сите инволвирани страни.
Делегациите извршија и увид во градежните активности финансирани од ОБСЕ, за потребите на Единицата за службени кучиња на МВР, по што следуваше показна вежба од страна на Единицата за службени кучиња антитерористички преглед на возило, пребарување оружје и муниција, пребарување на наркотични средства, како и обука на млади кучиња за детекција на мириси за било која специјалност.

Фото: МВР