Фото: Маја Јаневска Илиева

Со повеќе настани во Битола денес беше одбележана 83-годишнината од депортацијата на битолските Евреи, во организација на Еврејската заедница на Република Македонија и Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, со поддршка на Општина Битола.

Комеморативната програма започна со средба во салата на Советот на Општина Битола, на која присуствуваа претставници на државните институции, дипломатскиот кор и бројни гости. Меѓу присутните беа градоначалникот на Битола Тони Коњановски, потпретседателката на Собранието Весна Бендевска, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, како и пратеничките Олга Лозановска и Бисера Костадиновска-Стојчевска, претставници на Еврејската заедница, Фондот на Холокаустот, амбасадата на Израел и потомци на битолските Евреи.

Во своето обраќање, градоначалникот Коњановски истакна дека Битола се сеќава и оддава почит на околу 3.300 свои сограѓани – Евреи, кои некогаш биле важен дел од животот на градот.

– Денес сме заедно во Битола, град кој се сеќава и оддава почит на нашите сограѓани – еснафи, млекари, занаетчии, кои ги споделувале битолските улици со жителите на градот. Тажни сме за настаните од минатото и велиме никогаш да не се повторат тие мрачни моменти. Ова е опомена дека соживотот, пријателството и мирот се вредности што мора да ги чуваме – порача Коњановски.

Во рамки на одбележувањето, бројни делегации положија свежо цвеќе пред Споменикот Камена Менора и пред споменикот на Естреја Овадија Мара, во дворот на Здравствениот дом „Хаим Абраванел“ во Битола.

Од Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија порачаа дека сеќавањето на жртвите е обврска на сегашните и идните генерации, со порака: „Да паметиме – за никогаш да не се повтори“.