Денес, во фоајето на Министерството за надворешни работи, се одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот.
Одбележувањето на овој настан годинава беше во знакот на 80 годишнината од ослободувањето на Аушвиц-Биркенау.
Во овој контекст беше поставена изложба од Јад Вашем –Израeл: „ Аушвиц – место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“.
Изложбата на фотографии од Аушвиц е единствената досега позната визуелна документација за процесот на собирање и селектирање на Евреите кои биле депортирани во Биркенау. Фотографиите кои беа дел од оваа изложба го прикажуваат пристигнувањето на транспортите од Карпатска Русија, Унгарија во Аушвиц- Биркенау, пролетта 1944 година.
Албумот брои 56 страници и содржи 193 фотографии кои ги прикажуваат фазите на третман на Евреите по пристигнувањето во центарот за убивање, но ниту една фотографија не сведочи за убиствата. Фотографиите ги направиле нацисти и под секоја фотографија има опис на процесот, гледан од аспект на оние кои го креирале целиот процес. Од нешто повеќе од еден милион Евреи кои биле депортирани во Аушвиц, околу 900.000 биле убиени веднаш по пристигнувањето. Во изложбата можат да се прочитаат сведоштва на преживеани.