Припадниците на Армијата на Македонија кои учествуваат во хуманитарните операции во Словенија за санирање на штетите од катастрофалните поплави, заедно со припадниците на Словенечката војска изградија привремен мост во општината Межица во северниот дел на земјата, кој денеска беше пуштен во употреба.
На отворањето на мостот во оваа општина во корушкиот регион, присустуваше словенечкиот министерот за одбрана Марјан Шарец.
-Словенечката војска набрзо пристапи кон изградба на овој привремен мост. Благодарност до инженерите. Мостот денес стои. Навистина ни требаше, тој е важен за локалното население и економијата. Драго ни е што беше поставен за толку кратко време – рече министерот Шарец.
Началникот на Генералштабот на Словенечката војска, генерал-потполковник Роберт Главаш, на пуштањето во употреба на мостот истакна дека мостот е изграден заедно со војниците на АРМ.
-Словенечката армија од самиот почеток соработува за отстранување на последиците од поплавите. Помага каде што можеме. Мислам дека помошта е огромна. Овој мост го изградивме заедно со членовите на македонската армија за четири или пет дена – рече генерал-потполковник Главаш.
Во Словенија се наоѓаат 100 припадници на АРМ кои помагаат во санирањето на штетите што ги предизвикаа поплавите, како последица на поројните дождови во првата недела од месецов. Помошта беше побарана од страна на Словенија преку механизамот на НАТО (NATO EADRCC).
Припадниците на македонската Армија, согласно владината одлука, ќе останат во Словенија 30 дена, каде се вклучени во хуманитарната операција за санирање на штетите од невремето во поплавените подрачја.
Во најлошите поплави што ја зафатија Словенија од нејзината независност во 1991 година, загинаа шест лица, а беше предизвикана штета која се проценува на неколку милијарди евра.