Фото: Маја Јаневска Илиева

Галичник, живописното планинско село на падините на Бистра, викендов беше домаќин на уште една незаборавна Галичка свадба – културен бисер кој од година во година привлекува илјадници посетители од земјава и светот. Младенците Лилјана и Јован Михајловски ја крунисаа својата љубов на традиционален македонски начин, влевајќи нов живот во вековните обичаи.
Настанот, организиран од Месната заедница Галичник, се одвиваше под покровителство на Претседателот на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, со поддршка од Министерството за култура и туризам. Во текот на тридневната програма, гостите уживаа во богата фолклорна поставка – од пречекот на тапаните, китењето и поставувањето на свадбениот бајрак, до симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро.
-Оваа традиција треба да се негува. Ми беше пренесена од моите баба и дедо, па потоа од родителите, кои секоја година активно учествуваат во свадбата – изјави младоженецот Јован, член на старото галичко семејство Филипоски.
Невестата Лилјана ја нагласи големата чест, но и одговорноста да се зачува и пренесе богатото културно наследство.

Врв на церемонијата беа ората кои ја симболизираат историјата на печалбарството и непокорот на локалното население: „Невестинското“ и „Тешкото“, маестрално изведени од националниот ансамбл „Танец“ на платото пред чешмата Упија. Следеше венчавање во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а завршниот чин – заминувањето на тапанџиите и зурлаџиите – симболично го означи крајот на прославата.
Галичката свадба повторно покажа дека љубовта и традицијата можат гордо да чекорат рака под рака – прославувајќи ја македонската душа пред светот.

Силјановска-Давкова изрази задоволство од континуитетот на „Галичка свадба“, истакнувајќи дека преку неа, не само што се негуваат македонските обичаи, туку истите се промовираат пред светот.
-Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што е единствено, нешто што никаде го нема, нешто што нѐ прави посебни треба да се негува. Радосна сум што мнозина млади го прифаќаат и ја продолжуваат оваа традиција – изјави претседателката Сиљановска-Давкова.