Фото: Маја Јаневска-Илиева

Еколошките активисти од иницијативата „Стоп за Усје“ и граѓани денеска протестираа поради загадувањето на воздухот и бараа од Цементарница „Усје “ да работи според еколошките стандарди зашто, порачаа тие – скопјани имаат право на здравје и живот.

Протестниот марш почна од Владата преку Собранието и заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) од кое побараа да одлучува според најдобрите еврпски стандарди кога на 12 март цементарницата ќе аплицира за обнова на А-интегрираната дозвола.

На протестот говореа граѓани кои живеат во близина на цементарницата, од населбите Лисиче и Кисела Вода, и побараа компетентност од надлежното Министерство кога ги одобрува дозволите на индустриските капацитети.

Драган Кавраков, дипломиран технолог кој живее во близина на цементарницата рече дека е директно засегнат, кажа дека според А-интегрираната дозвола што сега ја има „Усје“, може да произведува  1.750.000 тони цемент годишно и дека количеството гориво што ѝ  е потребно за согорување е приближно двапати поголемо од количеството што сите возила во Скопје го трошат за една година.

-Во таа интегрирана дозвола нема напишано ниту еден ред за контрола на горивата што влегуваат во таа фабрика и се согоруваат. Дозволено им е да емитуваат 7.800 килограми сулфур диоксид на ден во атмосферата. Оваа количина на сулфур диоксид е хемиски еквивалент на речиси десет тони сулфуреста киселина дневно. Не знам кој им дозволил и се прашувам дали се компетентни да знаат што прават, но ним им е дозволено да согоруваат 35 илјади тони алтернативно гориво во кое е вклучена пластика, сечкани гуми и текстил. Дозволено им е да согоруваат петрококс од 160 илјади тони, 258 илјади тони лигнит, кој е најнеквалитетниот јаглен, 534 тони јаглен. И за ниту едно гориво нема дефиниран квалитет за влез во фабриката – рече Кавраков и повикувајќи го МЖСПП одговорно да пристапи кога донесува одлуки за дозволи.

Учеснците во протестот бараа од „Усје“ да биде општествено одговорна компанија и да дозволи 24-часовно јавно и независно мерење директно од оџаците на цементарницата зашто во спротивно, порачаа тие, се зголемува сомнежот кај граѓаните.