Со пораки дека делото на светите браќа Кирил и Методиј треба да биде патоказ за остварувањето на целите и за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање, државниот врв денеска го честита 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова во честитката порача дека со своето знаење, жед за вистината, правдољубивоста, посветеноста, хуманизмот и благородноста, светите Кирил и Методиј покажале дека можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите. Благодарение на нив, пишува Сиљановска-Давкова во честитката, словенските народи добија можност за развој на својата духовност, култура, образование, а македонската јазична и културна самобитност, светогледот и космополитизмот, се втемелени од нивната работа.
„Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација. Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење. Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање“, пишува претседателката.
Собранискиот спикер Јован Митрески пишува оти делото на светите браќа е темел на македонското јазично и духовно битисување во семејството на словенските народи во Европа и оти претставува голем цивилизациски придонес како за македонскиот, така и за сите народи кои ги негуваат словенските културни вредности и традиции.
„Денешниот празник, 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј е убава можност да им се оддаде достојна почит на основоположниците на словенската книжевност и писменост, чие дело им го трасира патот на словенските народи кон описменување и културно издигнување“, пишува тој.
Техничкиот премиер Талат Џафери испрати две одделни честитки по повод Денот на сесловенските просветители.
Едната ја адресираше до поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан, до Синодот на МПЦ-ОА, свештенството и монаштвото на Црквата и до сите верници, а другата до ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје, Биљана Ангелова, до деканите, продеканите, професорите, сенаторите, до студентите на Универзитетот и до граѓаните.
Во честитката до УКИМ, освен Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Џафери го честита и партониот празник на Универзитетот. Порача дека денешниот двоен празник повикува на упорност и верба во науката и образованието, а оти водечката улога во целта за развојот на С Македонија во современа европска држава му доликува на првиот државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“ Скопје.
„Како генерации на денешнината и посебно последниве неколку години, успеавме во заложбите македонскиот стандарден јазик да биде рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици и во ЕУ и се продолжи и делото на Свети Кирил и Методиј како темелници на европскиот интеркултурализам. На вас е со поголеми сили и да продолжите да се вложувате во науката и образованието. Споделувајте го знаењето и бидете гласни и храбри пред политиката, во развојот на научнообразовната дејност и во нејзиното место во општеството, зашто вашето влијание е потребно во одржувањето на демократските текови на современа и европска Северна Македонија“, пишува Џафери.
Во честитката до врвот на МПЦ-ОА, пак, техничкиот премиер ја истакнува важноста за делото на Кирил и Методиј за Македонската православна црква-Охридска архиепископија, за современата македонска култура, но и за Европа.
„Тоа што на тогашниот црковнословенски јазик се преведуваат првите богослужбени книги на словенски јазик, го отвора патот за развојот на словенската писменост и со тоа и на македонската писменост, којашто на македонска почва се шири под закрила на Охридската Архиепископија и во Охридската книжевна школа. Значењето на светите браќа за единството на европските народи, поради што се прогласени за светци од Православната црква и за созаштитници, односно патрони на Европа од Римокатоличката црква е безвременско и обврзувачко, секој да го најде патот и да се вложи во напредокот, за доброто на сите. Во таа насока, значајна е и улогата на МПЦ-ОА, којашто од пред две години е признаена и како рамноправна во православниот свет“, се вели во честитката.
Со повеќе настани, денеска во земјава се одбележува 24 Мај.