Фото: Владо Мисајловски/Фејсбук

Во присуство на највисокото државно и воено раководство, во касарната Јане Сандански“-Штип, се одржа централната свеченост за воениот празник „18 Август Денот на Армијата“. На свеченоста беа построени ешалони од сите првопотчинети команди и единици на Генералштабот на Армијата, ешалони составени од новопромовираните офицери и подофицери во Армијата, а беше изложено и вооружување и опрема од Армијата.

На централната свеченост се обратија претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Претседателката Сиљановска-Давкова во своето обраќање истакна дека нашата Армија е столб на мирот и стабилноста, а се наврати и на предизвиците на денешницата потенцирајќи дека живееме во едни од најнестабилните, најнепредвидливите и најнесигурните времиња.

Министерот Мисајловски пред присутните им се заблагодари на сите жени и мажи во униформа, сите вработени во одбраната кои имаат свој придонес во развојот на Армијата која е организирана, високо професионална, исклучително почитувана.“ Тој порача дека столбовите на кои се гради македонската Армија и одбранбените сили стојат цврсто.

Македонската одбрана инвестира во развојот, се опремува и модернизира, и многу важно таа се подмладува и пополнува. Тоа е гарант дека нашата сила и способност да бидеме темел на државата денес, ќе биде реалност и во иднина – заклучи Мисајловски пред државно воениот врв.

Во своето обраќање началникот на Генералштабот на Армијата наведе дека Армијата отсегкоаш била еден од најважните столбови на државата.

Армијата, отсекогаш била еден од најважните столбови на државата, таа е симбол на извонредност и професионализам – притоа ја потенцираше довербата што Армијата континуирано ја ужива кај граѓаните.

Генералот истакна дека во минатиот период Армијата напорно работела, а со јасното поставување на приоритетите значително ги подобри борбените функции и борбената готовност.

– Периодот кој следи го посветуваме на постојано зголемување на обученоста, подготвеноста и извежбаноста на сите нивоа на командување и контрола, имплементирајќи ги лекциите од современите војувалишта – рече тој.

На крајот на своето обраќање генералот Лафчиски повика заеднички да се продолжи со градење на Армијата како модерна и доверлива сила, сила на мирот, стабилноста и достоинството.

Во рамките на свеченоста, претседателката Сиљановска-Давкова го одликува Центарот за обука на питомци и офицери со Орден за воени заслуги“.

Орденот е доделен за извонредни успеси во исполнувањето во основната мисија организација, подготовка и реализација на обука со питомците и кандидатите за офицери во Армијата, како и за особениот стратешки и долготраен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на Армијата преку вложување во образованието и едукација на питомци и кандидати за офицери, со што се изградени генерации посветени и професионални воени лидери.

На централната свеченост присуствуваа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, гости од воено-дипломатскиот кор, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, генералите во Армијата, претставници од локалната самоуправа, претставници на организации со кои соработува Армијата, пријатели и роднини на новопроизведените потпоручници и други гости.