Фото: Архива

Граѓаните кои поднеле барање за остварување на право на пензија, од утре (29 јули), ќе бидат известувани со СМС пораки, каде и кога да го подигнат решението, информираат денеска од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување.

Оваа услуга, како што велат од Фондот, се воведува со цел избегнување на непотребните доаѓања на шалтерите од страна на граѓаните и намалување на гужвите, а воедно се поедноставува процедурата на работа и се намалуваат трошоците во работењето.

– Откако решението ќе биде изготвено од службите до граѓаните што поднеле Барање за остварување на правото на пензија Фондот ќе ја достави пораката со следниот текст. „Вашето решение со бр.хххххххххххххх е изготвено. Истото можете да го подигнете во Филијалата/Деловницата на ФПИОСМ каде што е поднесено барањето – се наведува во соопштението.

Во рамките на Фондот, како што посочуваат оттаму,  работи нов Кол Центар каде што граѓаните и осигурениците може да добијат информации за статусот на предметот или поднесеното барање, како и информации за условите за стекнување на:- старосна пензија, семејна пензија, инвалидска пензија, најнизок износ на пензија, остварување на права со примена на меѓународни договори, остварување на права од Законот за работни односи и тоа скратено работно време, промена на работно место, непосредна опасност од настанување на инвалидност, утврдување на својство на осигуреници (земјоделци),  продолжено осигурување, упатени во странство и вработени во странство, посебни категории на осигуреници ( верски лица),  остварување на права за осигуреници со бенефициран стаж,  задршки од пензија, како и услови за остварување на право за сместување во пензионерски дом.

За подобрување на работата на Фондот и поедноставување на начинот со кој граѓаните ги остваруваат своите права од пензиското и инвалидското осигурување, во изминатиов период, како што велат од Фондот, преку новиот портал  uslugi.gov.mk се воведени 13 електронски услуги.

–  Станува збор за Барање за остварување на право на старосна пензија,  Барање за издавање на решение за утврдување на својство на осигуреник – упатени работници во странство, Барање за издавање решение за утврдување на својство на осигуреник – вработени во странство, Барање за издавање на решение за утврдување на својство на осигуреник – верски службени лица, Барање за издавање на решение за утврдување на својство на осигуреник- индивидуален земјоделец, Барање за издавање на решение за утврдување на својство на осигуреник – продолжено осигурување, Барање за донесување на наод оцена и мислење за права од Законот за работни односи, Донесување наод, оцена и мислење согласно одредбите од Законот за вработување на инвалидни лица, Потврда за исплатени пензии во периоди, Потврда за исплатени пензии и спроведени задршки од пензија, Преглед за пресметан и платен данок од доход за исплатени пензиски примања, Потврда за сметка во банка, како и Потврда за корисник на пензија без податок за износ на пензија, се наведува во соопштението до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија – се посочува во соопштението.

Од Фондот информираат дека во фаза на тестирање се и следните услуги, кои ќе бидат ставени во употреба во наредниот период и тоа: Барање за остварување на право на семејна пензија, Барање за остварување на право на инвалидска пензија, Барање за остварување на право на паричен надоместок за телесно оштетување, како и Издавање на дупликат решение.