Фото: Пекселс

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување од денеска започнува со нова услуга за известување на граѓаните преку СМС-пораки за подигнување на решенијата за пензија. Секој граѓанин што поднел барање за остварување право на пензија ќе добие порака со информации каде и кога може да го подигне изготвеното решение.

Како што информираат од Фондот, оваа новина е дел од напорите за подобрување на квалитетот и ажурноста на услугите, како и за намалување на гужвите и непотребните доаѓања на шалтерите.

СМС-пораката што ќе ја добијат граѓаните ќе гласи: „Вашето решение со бр. хххххххххххххх е изготвено. Истото можете да го подигнете во Филијалата/Деловницата на ФПИОСМ каде што е поднесено барањето.“

Покрај оваа новина, Фондот информира дека е воспоставен и нов Кол Центар преку кој граѓаните можат да добијат информации за статусот на предметот или поднесеното барање, како и за условите за стекнување на старосна пензија, семејна пензија, инвалидска пензија, најнизок износ на пензија, остварување на права со примена на меѓународни договори, скратено работно време, промена на работно место, непосредна опасност од настанување на инвалидност, утврдување на својство на осигуреници како земјоделци, продолжено осигурување, упатени во странство и вработени во странство, посебни категории на осигуреници како верски лица, остварување на права за осигуреници со бенефициран стаж, задршки од пензија, услови за остварување на право за сместување во пензионерски дом.

Дополнително, преку националниот портал uslugi.gov.mk, достапни се 13 електронски услуги и тоа: барање за остварување на право на старосна пензија, барање за издавање на решение за утврдување на својство на осигуреник – упатени работници во странство, барање за издавање решение за утврдување на својство на осигуреник – вработени во странство, барање за издавање на решение за утврдување на својство на осигуреник – верски службени лица, барање за издавање на решение за утврдување на својство на осигуреник – индивидуален земјоделец, барање за издавање на решение за утврдување на својство на осигуреник – продолжено осигурување, барање за донесување на наод, оцена и мислење за права од Законот за работни односи, донесување наод, оцена и мислење согласно одредбите од Законот за вработување на инвалидни лица, потврда за исплатени пензии во периоди, потврда за исплатени пензии и спроведени задршки од пензија, преглед за пресметан и платен данок од доход за исплатени пензиски примања, потврда за сметка во банка, потврда за корисник на пензија без податок за износ на пензија.

Во фаза на тестирање се и нови услуги, како што се барање за остварување на право на семејна пензија, барање за остварување на право на инвалидска пензија, барање за остварување на право на паричен надомест за телесно оштетување, издавање на дупликат решение.