Ќе имаме можност да почнеме еден циклус средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската Унија, кои се резидентни во нашата земја, и ценам дека на овој начин можеме поблиску да ги доближиме активностите што како Влада ги правиме, а се поврзани со реформската агенда, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешниот брифинг за реформската агенда со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија.
Тој посочи дека некои од реформите се реализираат, но други, како што рече, од објективни причини нема да се реализираат и за тоа се известени претставниците на меѓународната заедница.
– Како Влада кога бевме избрани пред неполни 20 месеци, имавме индикативна листа на чекори што треба да ги реализираме, практично првата една и пол година се одобруваа, се усвојува и слично, работејќи со ЕУ, за некаде на почетокот на 2025 година да се заокружи тој процес и почнаа чекорите да се реализираат, нормално додека се засили тој процес, ценам дека беа испорачани одреден број чекори, а потоа се распишаа локалните избори и поради нашето домашно законодавство, ние не успеавме таа динамика да ја следиме во зависност од нашите амбиции. И бидејќи тогаш парламентот е во т.н. техничка форма и не работи, како и другите институции, имавме неколкумесечна пауза. Но, веднаш по локалните избори, некаде од ноември, интензивно се работеше на реформската агенда и на реализирање на чекорите што се дел од неа, како и на оние чекори што можеме да ги реализираме. Тие што не можеме, објективно кажуваме зошто не можеме бидејќи не би сакале да бидеме Влада што што едно ветува пред нашите партнери од меѓународната заедница, а друго прави позади завеса. Тоа што можеме да го испорачаме, ќе го испорачаме, тоа што не можеме ќе ги дадеме нашите аргументи зошто не можеме, и сме подготвени секогаш на искрен дијалог и разговор со нашите партнери од меѓународната заедница, посебно со нашите партнери од ЕУ – нагласил премиерот Мицкоски.
Премиерот порачал дека оваа година нема да има избори, бидејќи Владата е фокусирана на исполнување на реформите и воведување ред во државата.
-Нема да имаме избори оваа година. За да немаме дилема, бидејќи често пати дел од вас ме прашуваат дали ќе имаме избори, еве самата оваа амбициозна агенда вели дека нема да имаме оваа година избори, затоа што сме фокусирани на реформа и воведување ред во државата. Такви се проектите „Безбеден град“, за жал некои од опозицијата тоа го злоупотребуваат и се обидуваат повторно да политизираат, а некои да етнизираат. Потоа, борбата со криминалот и корупцијата, одредени закони кои што ќе значат безбедност за здравјето на граѓаните, како Законот за пушење. Работиме со стејкохолдери, со производителите, оние страни кои што се засегнати како што се секторот угостителство и туризам, и мислам дека во овие неколку недели ќе дојдеме до решение кое што сите заедно ќе го поддржиме. Тука, исто така, има и други закони, како што се Законот за игри на среќа, законите кои што се дел од правосудството, некои ги поминавме, а некои ќе ги поминеме во вторник на владина седница – рекол премиерот.
Тој додал дека оваа година земјава има прилично амбициозна реформска агенда, која, како што нагласил, сакаат да ја завршиме.
– Целта е да ја напишеме домашната задача, а потоа е до земјите членки на ЕУ како понатаму – истакнал тој.
Премиерот Мицкоски заклучил дека следен брифинг би одржале во март, па во јуни месец и потоа, како што рече, би брифирале најмалку еднаш квартално сè со цел да ги информираат меѓународните претставници во однос на реализираните чекори од Реформската агенда.































