Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека и покрај глобалната економска неизвесност, приоритет на Владата останува одржувањето на стабилен буџет и навременото сервисирање на сите обврски.
Во интервју за Дневникот на Македонска радио-телевизија, таа посочи дека се можни одредени корекции на буџетските проекции, но дека фокусот е задржување на буџетскиот дефицит во рамките на планираното и заштита на животниот стандард на граѓаните.
Средствата, како што нагласи, ќе се насочуваат кон клучните приоритети – редовна исплата на плати, пензии и социјална помош, при што ќе се прават заштеди таму каде што има простор.
Министерката истакна дека годинава државата има обврска да сервисира над две милијарди евра долг, што, според неа, мора да се реализира навремено за да се зачува финансиската стабилност и кредитниот рејтинг на државата.
Во таа насока, дел од средствата се обезбедуваат преку рефинансирање, а стратегијата предвидува поголем дел од задолжувањето да биде од странство, со цел да се остави повеќе простор домашните банки да го поддржат стопанството.
Таа додаде дека ваквиот пристап е однапред планиран и се покажува како соодветен во услови на зголемени глобални ризици, при што Владата ќе продолжи внимателно да ги следи економските состојби и да носи мерки за одржување на стабилноста и заштита на граѓаните.































