Фото: „Нова Македонија“

Продолжуваат бугарските политички замешателства во историската комисија

Во повеќе наврати некои од бугарските членови на комисијата, како што се Ангел Димитров или Кирил Топалов, даваа политички изјави, со што на најдиректен начин се политизираше работата на комисијата за историски и образовни прашања. Потврда за тоа е последната изјава на Ангел Димитров, кој меѓу другото на најдиректен начин се меша во внатрешните работи на македонската држава, коментирајќи нешта за кои нема надлежност, а од друга страна, релативизирајќи ја методологијата, се обидува да ги цензурира македонските учебници, особено оние делови во кои се прикажани различностите и особеностите на средновековна Македонија и средновековна Бугарија

Во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, поточно во членот 8, комисијата за историски и образовни прашања е формирана „за објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори што се базирани на докази“. Со други зборови, нејзините членови треба да работат во согласност со научните принципи.
Меѓутоа, уште од самиот почеток работата на историската комисија беше компромитирана од страна на некои од бугарските членови, кои излегуваа надвор од нивниот мандат и делокруг на дејствување, односно од научното толкување на историските настани и личности од минатото. Во изминативе денови на индиректен начин се прави и обид за цензура на македонските учебници, особено на оние во кои се претставени особеностите и различностите помеѓу средновековна Македонија и средновековна Бугарија.

Бугарските членови ја користат историската комисија за притисок врз македонската влада

Неколкумина аналитичари, но и некои од поранешните членови на комисијата, посочуваат дека комисијата за историски и образовни прашања нема политичка димензија, односно дека таа не може да носи политички одлуки, а нејзината работа се состои исклучиво од оформување став за одредени нешта од историјата и образовниот процес. Според добро упатени лица во оваа проблематика, некои од бугарските членови ја користат историската комисија за притисок врз македонската влада и држава. Тоа е очигледно од неколкуте досегашни изјави, како онаа на Кирил Топалов дека Македонците не треба да имаат големи надежи оти по изборите Бојко Борисов или кој било друг што ќе победи ќе заземе друга линија.
– Никој нема да заземе друга линија! Никој нема да ја смени линијата на националното историско достоинство. Тоа е политичко самоубиство и во Скопје треба да го знаат тоа – изјави Кирил Топалов за медиумите.

Споменатите притисоци и понатаму продолжуваат, а тоа е особено очигледно од последните искажувања на Ангел Димитров во неговото интервју за бугарскиот медиум БНР. Според нашите соговорници, Ангел Димитров како копретседател на историската комисија со интервјуто за БНР повторно излегува надвор од делокругот на неговите надлежности и на најдиректен начин се меша во внатрешните работи на Република Македонија. Дека е тоа така, како што посочуваат нашите соговорници, покажува тоа што Димитров дава изјави во политичка конотација, како што е искажувањето дека за него не е изненадување што новата влада на Христијан Мицкоски ќе го смени составот на македонскиот дел од комисијата.
– Можеби сакаат да ја сменат и нашата половина, но не можат. Нормално е да се претпостави дека новата влада има нови барања и одлуката не е неочекувана. Изненадувачки е начинот на кој се однесуваат кон колегите од Скопје, бидејќи нема причина да ги обвинуваат за предавство или за намери за отстапки од нивна страна. Ова е алармантно како сигнал бидејќи сугерира какви се намерите на владата за идната работа на комисијата, а тоа е истата таа да биде ставена под строга политичка контрола – изјави Ангел Димитров.

Според нашите соговорници, Димитров со оваа изјава на најдиректен начин се меша во внатрешните работи на македонската држава, бидејќи коментира нешта за кои нема ниту надлежност ниту делокруг на дејствување.

Нема неусогласеност во методологијата

Според добро упатените лица во оваа проблематика, Ангел Димитров во своето интервју ја доведува под знак прашалник и досегашната методологија на работа на историската комисија. Димитров рече дека е изненадувачка неусогласеноста во методологијата, бидејќи тоа ја одразува длабоката неусогласеност во идеите за тоа како треба да се пишува историјата.
– Методологијата е посочена дури и во договорот и комисијата да придонесе за објективно толкување на историскиот настан. Несовпаѓањето е затоа што ниту една методологија за оценување на учебникот не може да оди без следните три нивоа – прво кредибилитетот на историскиот наратив. Ако историскиот расказ не е во согласност со изворите, не се држи до фактите и ако се разликува од гледиштето на светската наука, тогаш имаме сериозен проблем – изјави Димитров.

Тој исто така нагласи дека учебниците во Македонија имаат негативна улога во образованието, што создава лоша слика за соседот Бугарија и моделира непријателско чувство.
– Токму тоа е големиот проблем во анализата на еден учебник, да се исчисти од невистините. Во нивните учебници се создава негативна слика за Бугарите и Бугарија, тоа е случај во учебниците за средниот век – изјави Димитров за БНР.

Според добро упатените лица во оваа проблематика, како и некои од поранешните македонски членови во комисијата, Димитров не прецизира кои се невистините во македонските учебници, како и кои се учебниците што создаваат негативна слика за бугарскиот народ, но најверојатно станува збор за оној дел од македонската историја каде што се истакнуваат особеностите или различностите помеѓу средновековните области Македонија и Бугарија, како што е етногенезата на бугарскиот народ во средниот век или средновековната држава на Самуил. Д.Ст.


Процесот на етногенезата на секој народ е сложен и треба да биде прикажан во учебниците

Неколкумина македонски историчари неколкупати досега укажаа дека историскиот развој на Македонија и Бугарија, особено во средновековието, е различен, како што е фактот дека етногенезата на бугарскиот народ во 10 век не е завршена, нешто што е потврдено и во светската историја. Процесот на етногенезата на секој народ е сложен, а овој процес има и свои особености. Таков пример е и средновековна Бугарија, чие етничко и политичко јадро се наоѓа во територијата помеѓу Дунав и Стара Планина, со доселувањето на Старите Бугарите (турско племе), кои учествуваат во етногенезата на современите Бугари, како и во онаа на денешните Волшки Татари и Чувашите.
– Етногенезата на современиот бугарски народ започнува со композиција на старобугарскиот и словенскиот елемент во споменатата територија, но етногенезата на бугарскиот народ продолжува и во наредните векови. Имено, со создавањето на Второто Бугарско Царство, во бугарскиот етнички супстрат се слева нов етнички елемент, односно кумански елемент. Впрочем, Асен и Калојан, основачите на Второто Бугарско Царство, имаат куманско потекло, нешто што се потврдува и од страна на некои од бугарските историчари – велат нашите соговорници.

Повеќемина аналитичари и историчари нагласуваат дека овие различности и особености помеѓу средновековна Македонија и средновековна Бугарија треба да бидат прикажани во македонските учебници, особено фактот дека територијалната експанзија на Првото и Второто Бугарско Царство низ Балканскиот Полуостров, вклучувајќи ја и Македонија, е политичка експанзија, ширење на политичките граници, а не етничка експанзија. Д.Ст.