Министерот за правда Игор Филков во интервју за МИА соопшти дека се финализира Кривичниот законик по што ќе биде доставен во владина процедура.
– Во моментов се врши дополнително усогласување со четири нови европски директиви: Директивата за заштита на животната средина преку кривично право (EcoCrime), Директивата за семејно насилство и насилство врз жените, Директивата за поврат на средства и конфискација, како и Предлог-директивата за борба против корупцијата. Овој процес истовремено се одвива и во голем број од државите членки на ЕУ. По финалното усогласување, Кривичниот законик ќе биде доставен во владина процедура. Се утврдува и ново кривично дело во врска со злоупотреба на снимка, фотографија, аудио-запис со сексуално експлицитна содржина, каде се инкриминирани и видеа креирани со вештачка интелигенција познати како „дип фејк“. Истовремено се врши и ревидирање на посебните кривични дела поврзани со проектот „Безбеден град“, како што е кривичното дело Безобзирно управување со моторно возило – вели министерот Филков.
Целта на Министерството за правда е јасна, вели Филков, да создадеме нов, модерен и кодифициран Кривичен законик, во кој ќе бидат инкорпорирани сите релевантни меѓународни стандарди и инструменти, за да се зајакне правната сигурност на граѓаните, а практичарите — судиите, обвинителите и адвокатите да имаат јасен и применлив закон, без недоречености и контрадикторности.
Овој документ ќе биде суштинска трансформација на казненото право: со јасни дефиниции, правична рамнотежа на санкции, елиминирање на правната несигурност и создавање рамка во која селективната правда станува невозможна.
Ова е чекор што ќе ја одбележи новата етапа во реформата на правосудството и ќе ја утврди Македонија како држава што знае да ги следи европските стандарди, но и да гради сопствена правна стабилност.
Министерот Филков се осврна и на најавите за можноста Уставниот суд да донесе мериторна одлука за спорните измени од 2023 година доколку евентуално не се корегираат забелешките со најавеното законско решение.
– Одлуките на Уставниот суд конечни и извршни. Но, притоа мора да се внимава со изјавите и ставовите за да не се добие впечаток во јавноста дека се користат за дневно политиканство – потенцира министерот за правда, Игор Филков.


































