Министерот за правда Игор Филков денеска остро реагираше на одлуката за куќен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби, нагласувајќи дека мора да се утврди конкретна одговорност за ваквата постапка. Тој побара Судскиот совет и Советот на јавните обвинители итно да свикаат седници и да разгледаат дали има основ за одговорност кај судијата и јавниот обвинител.
Филков потсети дека Груби е осомничен за проневера на над осум милиони евра, дека бил во бегство 14 месеци и дека постоел ризик од повторно бегство, кој веќе се реализирал.
– Министерството за правда нема да биде нем сведок кога довербата во правниот систем е разнишана. Ова не е само процесна одлука, ова е тест за целиот систем. Одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме – истакна тој.
Министерот побара објаснување од јавниот обвинител Даниел Коцев, од раководителот на Обвинителството Анел Фидоски и од судијата на претходна постапка Марин Станевски, за аргументите врз кои е донесена одлуката за замена на притворот.
– Секој што учествувал во постапката мора јасно да објасни врз кои факти и правни аргументи е донесена оваа одлука – рече Филков.
Тој нагласи дека не може да постојат различни стандарди за граѓаните и за поранешни функционери.
– Ако обичен граѓанин може да остане во притвор за далеку помал износ и без претходно бегство, тогаш тие стандарди мора да важат за сите – додаде министерот.
Филков информираше дека побарал објаснување и од директорот на „Затвор Скопје“, кој го уверил дека постоеле сите услови за спроведување на мерката притвор.
– Недозволиво е да се тврди дека не може да се гарантира безбедност на притворено лице, а тоа да стане аргумент за поблага мерка – нагласи тој, најавувајќи вонреден надзор во затворите.
– Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја урива довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип. И јас нема никогаш да молчам кога еднаквоста пред законот ќе биде доведена во прашање – заклучи Филков.

































