Претседателот на СДСМ, Венко Филипче упати честитка по повод големиот христијански празник Божик, посакувајќи им на верниците мирни и весели празници.
-Го честитам најрадосниот празник во христијанството со традиционалната честитка Мир Божји и Христос се роди! Посакувам мирни и весели празници на сите верници кои овој празник денеска го празнуваат. Ова е традиционален повод да се собере семејството, најблиските, да се покаже почит и грижа. Посакувам денот да помине мирно, а мирот во овие турбулентни времиња ни е потребен за да можеме да продолжиме да го градиме општеството да биде праведно, толерантно, слободно – изјави Филипче по свечената божествена литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски” во Скопје.
Тој посака сите заедно да градиме општество во кое, како што нагласи, никој нема да биде дискриминиран.
-Ние во минатото имплементиравме политики кои граѓаните вистински можеа да ги осетат, да живеат подобро, побезбедно, побогато, младите тука да ја гледаат иднината. Имплементиравме политики кои доликуваа на развиени општества, во кои никој нема да се чувствува помалку вреден без разлика дали станува збор за етничка, национална, верска, културна, полова или сексуална ориентација – рече Филипче.
Паричката за Бадник во неговото семејство паднала кај синот.































