Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека побарал појаснување од Министерството за внатрешни работи и од Агенцијата за национална безбедност во врска со наводната загрозеност на Артан Груби во затвор. Како што посочи, станува збор за класифицирани и строго доверливи документи до кои директорот на затворот „Скопје“ нема пристап, иако тој претходно изјави дека безбедноста на Груби не би била доведена во прашање.
-Таква е одлуката сега, но тоа не значи дека куќниот притвор нема да биде заменет со ефективен. Лицето е обезбедено, мерките ги одредува обвинителство и судството врз основа на факти и тие имаат таква одлука – рече Мицкоски во гостување на Дневникот на ТВ Сител.
Тој додаде дека, според него, прокси ботови поврзани со СДСМ се обидуваат да го искористат незадоволството кај граѓаните поради одлуката Груби да биде ставен во домашен притвор. Според премиерот, претходно се водела кампања со тврдења дека Владата му овозможила бегство пред 14 месеци кога се појавил на граничниот премин Блаце, како и дека постои договор меѓу Владата и ДУИ.
Мицкоски истакна дека има впечаток оти во моментот многу луѓе чувствуваат загриженост, а токму таа состојба, според него, создава немир кај опозицијата.
Дополнително, рече дека „ќе го држи за збор Венко Филипче“ за изјавите дадени претходниот ден на ТВ Сител во врска со наводен политички договор со ДУИ.
Според премиерот, Филипче е исплашен од исказите на Груби, додавајќи дека „ќе дојде момент на соочување со правдата, па потоа да не биде дека има политички реваншизам“.
-Кога ќе дојде до тој момент, имам такво чувство дека ќе дојде, да не биде по политички реваншизам или нешто друго. Да не биде после тоа како за модуларната „јас не сум виновен“, како од едно во друго министерство се движи тој проект, па како се случува и слично. Да не биде дека еве некој политички некој му се реваншира. Тоа е суштината кај СДСМ и нивните прокси ботови, исплашени се од тоа што ќе следува…. Јас бев единствениот кој лично од Груби беше најмногу напаѓан и од високи претставници на ДУИ најбрутално, со лаги и конструкции. Која е логиката да склучувам пактови со лица како Груби? Свесен сум дека овие растурени пердуви ќе остават лузна на мене и мојата политика, но крајната цел е важна – пораката и денес им ја кажав – дека големите одлуки се носат во тишина – рече Мицкоски.

































