Фото: СДСМ

Вашата сила е во гласањето. Ве повикувам да ја покажете таа ваша сила во недела, со масовно излегување на гласачките места. Со вашиот глас да пратите силна порака затоа што на Македонија ѝ се потребни промени, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва на митинг во Крива Паланка.

Филипче се заблагодари за, како што рече, масовната поддршка и порача дека Македонија стои пред избор, дали ќе дозволи „нашиот дом власта да продолжи да го руши цигла по цигла, или народот ќе се обедини за да го зачува“.

-Ова не се обични локални избори. В недела одлучуваме дали ќе ја вратиме правдата, достоинството и чесноста во нашата земја. Одлучуваме за иднината на секое семејство, за сигурна иднина на младите, за држава во која трудот се цени, а не партиската книшка – истакна Филипче.

 

Тој рече дека СДСМ е партијата која секогаш ја водела Македонија напред, со конкретни политики и дела, а не со лаги и манипулации.

-Сакаме достоинствени плати за достоинствен живот, праведна држава и институции што служат на граѓаните. Тоа можеме да го постигнеме само ако во недела излеземе масовно и гласаме – за нашата држава, за нашиот дом, за број 5 – рече Филипче.

Тој упати повик за единство и активност.

-Време е да се исправиме, да ја покажеме нашата сила, да ја вратиме надежта и да ја вратиме државата во рацете на народот. Во недела, секој глас е важен. Се враќа силата на народот, се враќа СДСМ – рече Филипче.