Онлајн петиција најави денеска лидерот на СДСМ Венко Филипче во врска со објавите во дел од британските медиуми дека се разговарало со македонските власти за можен прием на мигранти во земјава. Доколку се покаже дека таа не е доволна, Филипче најави и други чекори со цел да се спречи евентуален влез на мигранти во земјава.
-По онлајн иницијативата ќе следат и други чекори, ги повикувам сите граѓани помогнете да ја зачуваме нашата тактовина, безбедноста и иднината на Македонија. Доколку власта го игнорира овој чекор ќе следат други посилни чекори. Нашето место е во Европската Унија, а не на периферијата, како црна точка. Ќе следи силна мобилизација, активност на секое ниво, во секоја општина, во секој град, во секое село. Нема да дозволиме да дојдат мигранти тука по ниту една цена, нема да дозволиме на овој начин да се загрози безбедноста и иднината на земјата сакаме развој, да сме дел од ЕУ, не сакаме да сме Мека за мигранти да дојдат луѓе, кои гледаме како се однесуваат во други земји и какви проблеми создаваат, насилства, протести, силувања, болести кои одамна се искоренети во сите земји – рече Филипче.
Тој посочи дека СДСМ пред повеќе месеци ја најавил опасноста што не очекува со мигрантите и тајните преговори, разговори и договори на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
-Кога првпат овие тајни преговори и разговори ги спомнавме, а тоа беше потврдено во пишувањата во странските медиуми, веднаш скокнаа против нас така наречените патриоти од ВМРО-ДПМНЕ. Почнаа со објави дека лажеме, па осмислија цела кампања против мене лично, против други актуелни и поранешни функционери на партијата. Кога тоа не им успеа во следниот период таа кампања само ја засилија – рече Филипче.
Тој изјави дека недозволиво е тоа што македонските граѓани наместо од Владата, информациите ги дознале од британските медиуми кои, како што рече, излегле со детални информации за тоа што е разговарано околу прашањето за мигрантите од Британија.
-И од овие пишувања на британските медиуми дознаваме за разговорите кои што се воделе за мигрантите, дека треба да бидат интегрирани да бидат присутни на нашиот пазар на трудот, особено во градежништвото и тука да имаат трајни живеалишта. Дури има и детални информации дека Велика Британија ќе и исплаќа на Македонија 20.000 фунти по депортиран мигрант, согласно новиот договор за т.н. повратни центри. И сето ова замислете македонските граѓани го дознаваат од странски медиуми – рече Филипче.
Европската статистика, додаде Филипче, покажува дека со лошо спроведени политики за интеграција на мигранти се случуваат големи проблеми во државите и во општествата, дека во нив доаѓа до насилство, криминал, немири,тепачки и поразвиените земји, како Велика Британија, Германија, Шведска тешко се справувале.
-Како ли само ние ќе се справиме со овој проблем во нашата земја, во која имаме нефункционални институции – рече Филиче и додаде дека и самата ЕУ ги заострува мерките, односно полесни отфрлање на барањата за азил, потешко добивање азил, полесна процедура на депортација.
Тој на прес-конференцијата праша и дали како што вели, зад тајните договори на Владата се крие целта мигрантите да станат нова гласачка машинерија на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори и дали е ова, цената што треба да се плати за да се добие кредит од 6 милијарди евра.
На прашањето кога СДСМ ќе го комплетира политичкиот тим, Филипче истакна дека процесот е во фаза на заокружување и оти ќе биде завршен во следните две недели.
Во врска со Буџетот, за кој пратениците од денеска расправаат на пленарна седница, Филипче рече дека смета оти тој не е социјален и не се грижи за граѓаните и не е развоен.
-Во него нема зголемување на платите, нема соодветно зголемување на парите кои се потребни за да се награди трудот на работниците во сите катетогории. Буџетот не се грижи ниту за ранливите категории, таму има намалени средства за следната година и има многу мала ставка за капитални инвестиции – рече Филипче.
































