Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва во Тема на денот на Сител Телевизија рече дека партијата чиј лидер е води фер и чесна кампања, иако од ВМРО-ДПМНЕ говорат поинаку. Филипче смета дека партијата на власт нема проекти за фалење, па затоа обвинува, а доказ за тоа се проектите на спотови пред 4 години кои, како што рече, до денес не се реализирани.
-Ги разбирам обвинувањата и сметам дека станува избор за еден дел од кампањата во којшто дури мислам дека имаме и обврска пред граѓаните, да ги соочиме со тоа што ВМРО-ДПМНЕ правеше во пресрет на минатогодишните избори, а што од сето тоа што тогаш се зборуваше, имаат исполнето. Понатаму, што советуваа од страна на актуелните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ пред 4 години и што од тоа е исполнето. Тоа е наша обврска. И како што сами гледате во сите тие промотивни спотови, ние ништо не зборуваме, тие зборуваат. Тоа се нивни ветувања во коишто близу 100 проценти не се исполнети. Извинете, но тоа е наша обврска да ги информираме за тоа граѓаните. Тоа воопшто не е црна кампања – рече Филипче.
Лидерот на СДСМ, исто така, истакна дека СДСМ немало скриени намери во кампањата, туку напротив имале должност да ја кажат вистината пред граѓаните.
-Разбирливо е дека кога владата нема со што да се пофали, нема ниту еден сериозен проект, нема ниту една категорија на граѓани коишто се задоволни и коишто видоа бенефит од ова работење на владата изминативе година ипол ниту пензионерите, ниту работниците, ниту докторите, ниту наставниците, ниту земјоделците се што има останува е да се занимаваат со опозицијата – рече Филипче во гостувањето на Сител телевизија.
Тој верува дека е препознаен позитивниот и искрен пристап и квалитет на кандидатите за градоначалници и советници на СДСМ низ општините по што верува дека на 19 октомври граѓаните ќе го направат вистинскиот избор кој ќе донесе напредок во државата.
-Мислам дека направивме една прилична, чесна, искрена кампања, собравме огромен број на граѓани. Верувам дека ќе го препознаат нашиот позитивен, искрен пристап, дека ќе ги препознаат квалитетите на нашите кандидати и за градоначалници, и за советници. Па, еве, најдобрата анкета ќе биде во недела на 19 октомври – рече Филипче.
Претседателот на СДСМ ги повика граѓаните да излезат на гласање и да одлучат како ќе се развиваат нивните општини, притоа напоменувајќи дека граѓаните веќе почувствуваа што значи лош избор спомнувајќи ја градоначалничката на Скопје, но и останатите градоначалници на ДПМНЕ кои реализираа само 30 проценти од ветената програма.
-Мислам дека е многу важно да излезат на гласање. Мислам дека тоа е единствениот начин да влијаат на тоа како ќе се развиваат нивните средини за живеење. Видовме како се живее во Скопје, благодарение на борбата, лошиот избор на ВМРО-ДПМНЕ, нивните непринципиелни коалиции и откако се скараа со градоначалничката градот е целосно блокиран. Тука мислам дека огромен грев имаат кон Скопје, да ништо не е мрднато напред, а и во другите градови, кај што програмата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не е реализирана ни повеќе од 30%, наспроти нашите градоначалници кои ќе имаат близу 100% реализирана програма. Така дека граѓаните да излезат на гласање, тоа е нивна одговорност, ние сите бираме во какви средини, во каква држава ќе живееме – потенцираше Филипче.