Фото: Кабинет на Арбен Фетаи

Македонија бележи историски напредок во сузбивање на без државјанството, било истакнато на денешната средба на заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи со претставникот на Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) во Скопје, Габриел Гуалано де Годој.

За време на средбата, како што е наведено во соопштението од кабинетот на Фетаи, било истакнато дека Северна Македонија е веќе позитивен пример во рамките на Глобалната алијанса за решавање на без државјанството, позиционирајќи се како регионален и глобален лидер во оваа област.

-Земјата ги има решено речиси сите случаи на лица без државјанство кои произлегуваат од распадот на поранешна Југославија, при што остануваат само уште два нерешени случаи кои се однесуваат на граѓани од други поранешни републики што живееле на територијата на нашата земја пред распадот – се наведува во соопштението.

Дополнително, како што се додава, се евидентирани и 153 други случаи на лица без државјанство, кои главно се резултат на нерегистрирање на деца по раѓањето. Од овие случаи, 90 проценти се од ромската заедница, 7 проценти се Албанци, 1 процент Македонци и 2 проценти се од други етнички групи.

На средбата било потенцирано дека решавањето на проблемот со лицата без државјанство е многу повеќе од статистички предизвик, односно тоа е хуман и трансформативен чин што директно го менува животот на луѓето.

-Измените на Законот за државјанство имаа длабоко влијание врз животот на многу граѓани, враќајќи им го човековото достоинство кое им било ускратено повеќе од три децении – истакнал Фетаи.

Тој ja повторил заложбата на Владата да продолжи со изградба на инклузивно општество, каде секој граѓанин има право да постои со достоинство и да придонесува кон заедничката иднина на државата.

– Нашата заложба за измена на Законот за државјанство ги трансформираше животите на овие луѓе и семејства, враќајќи им го човековото достоинство кое им беше ускратено три децении по ред. Оваа заложба не запира тука. Ќе продолжиме да градиме инклузивно општество, во кое секој граѓанин има право да постои со достоинство и да придонесува кон заедничката иднина – констатирал Фетаи.