Потпретседателот на македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Ендрит Фехату, упати апел до Македонците од Албанија, кои живеат надвор од државата, да се регистрираат за гласање на изборите, да го искористат своето право на глас и да ја поддржат МАЕИ на парламентарните избори, што ќе се одржат на 11 мај.
Меѓу другото порачува дека нивниот глас е потребен повеќе од кога било а поддршката од клучно значење.
-Македонската заедница во Албанија отсекогаш била двигател на зачувувањето на македонскиот јазик, култура и идентитет. Денес, повеќе од кога било, вашата поддршка е од клучно значење. Ве повикувам да ја поддржите единствената партија на Македонците во Албанија – Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која се бори за нашите права и застапеност во институциите на државата, наведува Фетаху во објава на Фејсбук.
Потсетува дека регистрацијата на посебната платформа на Централната изборна комисија (ЦИК) почна на 11 минатиот месец и завршува на 4 март и оти на парламентарните избори за првпат сите албански државјани кои живеат во странство ќе имаат можност да гласаат преку пошта.
-Гласањето е бесплатно. Сите трошоци за поштенското гласање ги покрива ЦИК. Ваша е само обврската да се регистрирате на време и да го искористите вашето демократско и граѓанско право. Вашиот глас е вашата сила. Да останеме обединети и да ја зајакнеме македонската заедница. Ако сами не се цениме, сакаме и помагаме, нема кој друг да го направи тоа за нас, порачува Фетаху.
Тој е еден од најактивните Македонци, од помладата генерација, во битката за остварување на нивните легитимни права, одејќи по стапките на неговиот татко, професор-доктор, Кимет Фетаху, по потекло од Голо Брдо, основач и почесен претседател на МАЕИ.
Инаку, посебна комисија, која работи 24/7 при албанската ЦИК, ги разгледува пријавите и во рок од пет дена апликантот добива одговор дали е прифатена или одбиена. До денеска за гласање се пријавиле 134.279 а прифатени се барањата на 81.109 лица, најмногу се од Италија и Грција.