Потпирајќи се на меѓународното наследство на нашите претходнички кои здружени во Антифашистичкиот фронт на жените, пред 80 години тргнаа во борба против фашизмот, сонувајќи за нов свет во кој жените и мажите ќе бидат рамноправни, а социјалната правда ќе биде достигната. Решени сме да ги браниме освоените женски права, придобивките на феминистичкото движење и да ја продолжиме борбата за потполна рамноправност. Ова е само сегмент од фашистичкиот манифест на антифашистките за 21 век – односно на регионалната феминистичка антифашистичка мрежа ФАМа.
Целите и заложбите на ФАМа се содржани во Манифестот на антифашистките за 21век кој мрежата го објави брзо по нејзиното формирање. А вчера по повод 9 мај, денот на победата над фашизмот, фондацијата „Фридрих Еберт“ и регионалната феминистичка антифашистичка мрежа ФАМа јавно ја споделија програмата за работа и идните чекори на Феминистичката антифашистичка мрежа (ФАМа) во Музејот на современата уметност. За време на настанот ФАМа им овозможи на сите заинтересирани да се приклучат кон мрежата и да го дадат својот придонес кон градење на поинаков свет – свет на мир, еднаквост и одржлив развој.
– Пред две години, во декември 2022 година, со поддршка на Фондацијата Фридрих Еберт, се одбележаа 80 години од основањето на Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија во Босански Петровец и Бихач. На настанот се состанаа повеќе од 100 жени – активистки, политичарки, академски граѓанки, новинарки, уметнички, работнички, потомки на партизанки и на членки на АФЖ од Босна и Херцеговина, Србија, Словенија, Хрватска, Северна Македонија и Црна Гора со идеја да го оживееме сеќавањето на борбата на жените против фашизмот и АФЖ, да отвориме важни теми на движењето за еманципација на жените и да иницираме создавање на нова регионална женска платформа за време на дводневната работа се соочивме со фактот дека фашизмот не е тема од минатото, туку постојана закана којашто секогаш бара начин да дојде до полн израз – изјавува Нита Старова, една од членките на ФАМа.
Како резултат на размена на идеи за време на настанот се формираше мрежата ФАМа, која се потпира на меѓународното наследство на АФЖ. Постигнат е консензус дека јакнењето на феминистичкиот фронт и меѓусебната поддршка на пост-југословенското ниво се предуслови за создавање на силен отпор на растечките фашистички сили и дека е важно да го прифатиме и искористиме искуството што нашите претходнички го стекнале во залагањето за создавање еманципиран свет на родова еднаквост и социјална правда, посочува таа.
Цели на програмата се зајакнување на транснационалната женска антифашистичка мрежа, создавање на простори за замислување и градење на нови политички хоризонти засновани на грижа и правда за сите. Развивање на стратешки одговори на радикално десничарските движења и протофашистичките иницијативи. Развивање на солидарност меѓу различни жени, унапредување на феминистичките и антикапиталистичките перспективи во рамки на антифашистичкиот отпор.
С.Ј.