Упатените велат дека, како и сѐ друго, и националниот образовен систем, во чии рамки е и таканаречениот електронски систем за оценување, не е имун на сајбер-нападите. Што се однесува до изложеноста на децата, некои од нив како клучна ја посочуваат улогата на родителите во превенцијата од штетните последици од таквите напади, при што голем проблем, според нив, е недостигот од компјутерски познавања токму кај родителите
Колку се присутни сајбер-заканите во секојдневниот живот на граѓаните е прашањето што, меѓу другото, се наметна и по неодамнешната информација за реализираната обука за сајбер-безбедност наменета за ученици од основното образование, нивните наставници и родители, која ја организираа министерствaта за информатичко општество и за образование. Упатените велат дека, како и сѐ друго, и националниот образовен систем, во рамките на кој е и таканаречениот електронски систем за оценување, не е имун на сајбер-нападите. Што се однесува до изложеноста на децата, некои од нив, како клучна, ја посочуваат улогата на родителите во превенцијата на штетните последици од таквите напади при што голем проблем, според нив, е недостигот од компјутерски познавања токму кај родителите.
Затоа Ангела Пејковска, наставничка во приватното основно училиште „Танграм“, советува креаторите на образовните политики во иднина да посветат уште поголем простор во наставните програми за развој на образованието во сајбер-сферата.
– Поголемиот број оперативни системи во денешницава, сите интернет-провајдери, имаат можност за таканаречена родителска контрола, каде што родителите можат да го ограничат пристапот до интернет за малолетниците. Но кај нас проблемот е во тоа што се соочуваме со неедуцираност на родителите, но и на дел од наставниците и професорите. За реалниот свет, повеќето родители ги воспитуваат децата со совети, а во виртуелниот свет, кој бил во зачеток кога тие биле мали, не ги знаат опасностите – вели Пејковска.
Според неа и нејзините сознанија, ранлив на сајбер-напади е дури и денешниот таканаречен електронски систем за оценување, кој има цел да ја подобри комуникацијата помеѓу наставниците и родителите, да овозможи брз и едноставен увид во информациите од дневникот од страна на наставниците во кое било од училиштата поради што таа советува ресорното министерство да поработи дополнително на безбедноста на системот.
Од друга страна, Пецо Трајковски, од форумот за истражување безбедносни политики „Секуритас“, вели дека сајбер-безбедноста во образованието треба да се применува нашироко, а секоја иницијатива за вакво случување треба да биде поздравена од широките маси. Тој вели дека денешното живеење е такво што сакале ние или не во секојдневието сме опкружени со компјутери и интернет.
– Младите најмногу се ранливи на штетното дејствување во сајбер-просторот и токму затоа би требало да има образование за тоа во школскиот систем – вели Трајковски.
Според него, компјутерското образование ќе помогне во спречување на овие закани, но истовремено, низ овој процес би можеле да се регрутираат и идни компјутерџии, кои ќе ги штитат националните интереси во овој домен. Сличен систем, како што вели, е активен во Израел повеќе години и тој придонесува оваа земја да се наоѓа на врвот од светската листа во справување со заканите што доаѓаат од сајбер-сферата.
Инаку, внимателно и одговорно користење на интернетот, особено кога станува збор за децата, препорача и министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.
– Како и во реалниот свет, и во сајбер-светот, децата се предмет на напади и ризици, и основните правила на однесување што важат во реалниот свет, треба да важат и во сајбер-просторот. Затоа овие настани се многу важни, заради меѓусебното разбирање, размена на информации и координација – рече министерот Манчевски.
За заштита од овој тип напади, како конкретни чекори на овој план државата и невладиниот сектор, досега, заеднички изработија стратегија и акциски план, кој е усвоен кон крајот на 2018 година и кој тековно се имплементира.