Европските интеграции се иднината на целиот Западен Балкан. За земјите од регионот тоа значи подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и обезбедување предвидливост во безбедноста и стабилноста, изјави премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски за српскиот весник „Политика“.
-По војната во Украина, тоа стана јасно и за Европската Унија. Ние сме географски дел од Европа и ни треба единство во надворешната политика, особено кога станува збор за одбрана на мирот и демократските вредности. Воопшто не е далеку ова да се постигне во 2030 година. Напротив, тоа е рационална и остварлива цел – рече Ковачевски.
Прашан во контекст на промената на Уставот и како го гледа натамошниот развој на евроинтеграциите, Ковачевски посочува дека земјава чекори по европскиот пат, додавајќи дека во тек е билатерален скрининг и дека годинава очекува нов пробив во евроинтеграциите. Очекувањата ги темели, како што наведува, на определбата на мнозинството граѓани во земјава за членство во ЕУ.
Зборувајќи за односите меѓу Белград и Скопје, Ковачевски забележува дека во тешките моменти вистинските пријателства доаѓаат до израз и укажува дека пандемијата и светската економска криза ги потврдиле добрите односи меѓу двете земји.
-Взаемното почитување создава основа за понатамошен развој на нашите добрососедски односи. Заеднички ги решаваме сите предизвици што ни ги наметна светската криза од војната во Украина – рече премиерот Ковачевски.
Тој посочи дека е во редовен, понекогаш и секојдневен контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ и со албанскиот премиер Еди Рама.
-Ова пријателство не само што изненади многумина, туку верувам дека ќе послужи како инспирација за градење добрососедски односи – смета Ковачевски.
На прашањето како може да произлезе мир од вителот на овие настани на светската политичка сцена и дали ова е шанса за малите држави како Македонија и Србија, кои заедно со Албанија припаѓаат на иницијативата „Отворен Балкан“, Ковачевски рече дека решението на секое отворено прашање мора да биде исклучиво преку дијалог.
-Неразбирливо е оружјето да се користи во 21 век, да страдаат невини луѓе и да се доведува во прашање светскиот мир. Особено е неприфатливо географски поголема држава да применува сила против помала демократски определена држава, обидувајќи се да ја загрози нејзината независност и територијален интегритет – подвлече Ковачевски.
Тој посочи дека Македонија, Србија и Албанија ја подобруваат регионалната соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, а со тоа ја зајакнуваат меѓусебната доверба.
-Отворениот Балкан и Берлинскиот процес се регионални иницијативи кои не зближуваат и не охрабруваат да одржиме остар фокус на одржување на стабилноста и безбедноста на регионот, како и на заедничката стратешка цел – европската интеграција – заклучи Ковачевски.