Судот за човекови права во Стразбур утре во 10 часот ќе ја соопшти одлуката за тоа дали важат аболициите на поранешниот претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, дознава „Макфакс“ од извори во правосудните органи.
Одлуката ќе биде јавна, објавена на сајтот на ЕСЧП. Со ова, по шест години, ќе се затвори прашањето дали обвинетите во четири случаи на СЈО можат да одговараат кривично за дела со кои се опфатени во предметите, а дел и осудени.
Жалбата до Стразбур е поднесена во 2017 година, а во која се посочува дека еднаш дадена аболиција не може да биде отповикана.
Доколку на 16 февруари, Стразбур каже дека оваа теза е точна – осудените ќе треба да бидат ослободени. Во спротивно, ако Стразбур одлучи дека аболициите можат да бидат отповикани, тогаш сите обвинети ќе подлежат на кривична одговорност.
Во жалбата се опфатени случаите предметот за масовното прислушување и унишувањето на опремата „Таргет-тврдина“, предметот за изборни нерегуларности „Титаник“, предметот за злоупотреба при организирање на превоз на ученици во Битола „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“ наречен „ТНТ“.
Но, не се опфатени сите обвинети лица, туку само дел.
Во предметот засегнати се поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ како Никола Груевски, Тони Јакимовски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Кирил Божиновски и други.
Во објавата на Судот се наведува дека „подносители на жалбата се седуммина Македонци/граѓани на Република Северна Македонија и еден Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија, кој исто така е и албански државјанин“.
Според објаснувањето на Судот, сите апликанти беа осудени за наводни криминални дејства што се однесуваат на/и произлегуваат од содржината на незаконското прислушување. Тие добија аболиција од претседателот која што подоцна беше поништена. По поништувањето на аболицијата тие беа осудени.
Во 2016 година Уставниот суд ги укина законските измени од 2009 година во кои се избриша член 11, што му даде можност на претседателот да дава аболиција и без спроведување на постапката за помилување. Веднаш по одлуката на Уставниот суд, Иванов одлучи да ги помилува тогашните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, што доведе до масовни протести.
Европскиот суд треба да даде одговор дали предметите на поранешно Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе преживеат и дека кривичното гонење било оправдано или ќе запрат и ќе се поништат повеќето предмети. Доколку обвинетите и осудените лица бидат прогласени за жртви, државата можеби ќе треба да им плати и обесштетување.