Во денешниов есеј ќе се обидам, воспоставувајќи историски аналогии, да понудам размисли за настаните што ја потресоа Република Македонија во изминатите неколку години

 

Од денешна перспектива, шарената револуција во Македонија беше спроведена – од кого?, исклучиво за да овозможи неколку гротескни и просечни личности да можат да глумат херои. Меѓутоа, според моето мислење, „традицијата на сите мртви генерации“ воопшто не предизвика тежина врз постапките на македонските политичари. Нивната ангажираност „во револуционизирање на себеси и на нештата во создавање нешто што сè уште не постоело“ не ги поттикна да ги повикаат „духовите од минатото за да им служат“, туку, според моето мислење, нивната ангажираност имаше исклучиво лукративна заднина, додека, пак, „новата сцена на светската историја“ беше остварување негација на македонската историја: бришење на сè што е македонско – на идентитетот, јазикот, културата, историјата, бришење на македонството. Народот во 2016 година беше вешто изманипулиран, посакувам никогаш повторно да не се случи тоа. Како понатаму?

Повикувањето на материјалните и духовни историски аналогии се моќни алатки за објаснување, предвидување и осудување на современите настани. Карл Маркс го правеше тоа извонредно вешто. Веднаш, откако Луј-Наполеон Бонапарта ја презеде власта и се прогласи себеси за Наполеон Трети – император на Французите, Карл Маркс ја напиша книгата „Осумнаесеттиот бример на Луј Бонапарта“, обидувајќи се да разбере како класната борба во Франција „ѝ овозможи на гротескната и просечна личност да игра улога на херој“. Забележувајќи дека историјата прво се појавува како трагедија, а потоа како фарса, Маркс размислуваше за улогата што историскиот паралелизам ја одигра во обликувањето на револуционерната акција: „Традицијата на сите мртви генерации тежи како ноќна мора на мозокот на живите. И токму кога изгледаат ангажирани во револуционизирање на себеси и на нештата, во создавање нешто што сè уште не постоело, токму во такви периоди на револуционерна криза тие нервозно ги поттикнуваат духовите од минатото за да им служат, позајмувајќи од нив имиња, борбени извици и костими, со цел да се претстави новата сцена на светската историја“.

Во денешниов есеј ќе се обидам, воспоставувајќи историски аналогии, да понудам размисли за настаните што ја потресоа Република Македонија во изминатите неколку години. Водејќи се од Библијата: „Тогаш излезе Исус надвор, со трнов венец и багреница. И им рече Пилат: Еве Го Човекот! / А кога Го видоа првосвештениците и слугите, завикаа и рекоа: Распни Го, распни! Пилат им рече: Земете го вие и распнете Го, оти јас не наоѓам во Него вина“ (Јован 19: 5,6), ќе се за запрашам: Што овозможи неколку „гротескни и просечни личности да играат улога на херои“ – тука, пред сè, мислам на првите луѓе на Македонија во изминатите неколку години: потврдени манипулатори и лажговци, да ја распнат, да ја расчеречат, да ја разнебитат Македонија? Дали можевме поинаку? Како понатаму?

Зборовите „Израел“ и „Македонија“ се среќаваат често во Библијата. Државите Израел и Македонија се формирани приближно истовремено: Израел во 1948 година, додека, пак, Македонија се формира, прво, во 1943 година, како федеративна република во рамките на државата Југославија, а во 1991 година, Македонија – една од наследничките држави на поранешна Југославија, прогласи независност. На временската скала на која е проектирана историјата на човештвото или, пак, постоењето на космосот, годините 1948 и 1991 се блиски, скоро коинцидираат. До 1948 година и до 1991 година, еврејскиот и македонскиот идентитет за Евреите и Македонците, насекаде во светот, се неспорен факт што никогаш нема потреба да се менува или да се отфрли. За жал, по 1991 година, за Македонците сè се смени во еден ден, па така, на 17 јуни 2018 година Македонија умре: да се потсетиме дека, пред Договорот со Грција, за осумдесет проценти, или за околу шест милијарди жители на Земјата, вклучувајќи ги десетте најмногубројни држави во светот и трите суперсили: Кина, Русија и САД, ние бевме Македонци од Република Македонија. Зборовите „Израел“ и „Македонија“ често се среќаваат во Библијата – тие беа имиња на две држави што постоеја до 2018 година. Во период од неколку години, од 17 јуни 2018 до 17 јули 2022 година, Македонија беше малтретирана, понижувана, „камшикувана“ за конечно на 18 јули 2022 година да биде донесена пресудата: Преговарачката рамка со ЕУ. Нам, Македонците, ни рекоа: „Еве ја Македонија“, домашните слуги – „кафеавите сахиби“, повикаа: „Распнете ја, распнете ја“, но другите ни се обратија: „Земете ја вие, распнете ја вие, оти ние не наоѓаме во нејзе вина“.

Зборот „толпа“ означува неорганизирана група луѓе, но и обични луѓе – народ, спротивно на надарените, паметните, избраните, видните претставници од народот. За Гистав ле Бон, авторот на „Психологија на толпата“ (првпат објавена во 1895 г.), толпата е организирана општествена структура, во која се формира колективната свест и во која индивидуалноста на поединци потенцијално се губи. Во книгата, Гистав ле Бон, пред повеќе од 100 години, ќе напише: „Додека сите наши древни верувања се тресат и исчезнуваат, додека старите столбови на општеството отстапуваат еден по еден, моќта на толпата е единствената сила што ништо не ја загрозува, а чиј престиж постојано се зголемува. Ерата во која ќе влеземе, навистина ќе биде ера на толпата“. Но толпата понекогаш знае да биде мудра, освен, што често се случува, ако не е изманипулирана. За мудроста на толпата Аристотел ќе рече: „Иако ниту еден поединец од многуте не може да биде погоден за врховната моќ, сепак кога овие многу се обединети, тоа не следи, но тие можеби се подобро квалификувани за тоа од оние; и тоа не посебно, туку како колективно тело“ (Политика, Книга 3, поглавје 11).

Од денешна перспектива, шарената револуција во Македонија беше спроведена – од кого?, исклучиво за да овозможи неколку гротескни и просечни личности да можат да глумат херои. Меѓутоа, според моето мислење, „традицијата на сите мртви генерации“ воопшто не предизвика тежина врз постапките на македонските политичари. Нивната ангажираност „во револуционизирање на себеси и на нештата, во создавање нешто што сè уште не постоело“ не ги поттикна да ги повикаат „духовите од минатото за да им служат“, туку, според моето мислење, нивната ангажираност имаше исклучиво лукративна заднина, додека, пак, „новата сцена на светската историја“ беше остварување негација на македонската историја: бришење на сè што е македонско – на идентитетот, јазикот, културата, историјата, бришење на македонството. Народот во 2016 година беше вешто изманипулиран, посакувам никогаш повторно да не се случи тоа.

Како понатаму? Во духот на негување добрососедски односи и посветеноста на Македонија да стане рамноправна членка на ЕУ, Македонците очекуваат, според моето мислење, во 2024 година, институциите на Република Македонија да ги имплементираат следните три чекори: прво, почитувајќи ја Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, усвоена од Собранието на Република Македонија на 29 јули 2021 година, да го раскинат Договорот со Бугарија; второ, да усвојат документ со кој ќе се утврди дека името на македонскиот народ е единствен и неменлив и дека се отфрлаат сите наметнати префикси што се додаваат пред именката „Македонци“ – припадниците на македонскиот народ имаат право да се нарекуваат Македонци, без разлика каде живеат во моментов: во Грција, во Бугарија, во Албанија и во целиот светот; и трето, да започнат со реализација на проектот „Меморијален споменик за незаборав“ на кој ќе се врежат (во моментов повеќе од 20.000) имињата на децата прогонети од своите домови во егејскиот дел на Македонија – денешна Грција, заедно со македонските топоними на нивните родни места. Трите чекори се изводливи и можат да се реализираат без тешкотии веднаш!

Проектот „Гутенберг“ е можеби еден од најзначајните проекти на денешницата: овозможува бесплатен пристап до повеќе од 73.900 книги (податок од 7 јули 2024 г.): на веб-страницата на проектот ги има книгите на Аристотел, Ниче, Достоевски, Фројд,… – да спомнам неколку имиња! Сите цитати во овој текст и во други мои текстови се преземени од книгите достапни преку проектот „Гутенберг“. Предлагам авторите и издавачките куќи да дадат согласност, ако има потреба, сите книги за македонството, на македонски, меѓутоа преведени и на англиски јазик, да бидат бесплатно достапни за сите – трајна оставина за Македонија и за Македонците. Според моето мислење, бесмислено е иднината на Македонија да биде определена од неколку гротескни и просечни личности што решиле да глумат херои! „Порано луѓето им завидуваа на оние кои имаа пари за живот и ги убиваа. Доаѓа време кога луѓето ќе им завидуваат на они кои нашле смисла на животот, и ќе ги убиваат, исто како да имаат пари“ (Венко Андоновски). Смислата на животот на Македонците е македонството – ако вие не наоѓате вина во Македонија, и ние не наоѓаме!, па оттука, ги повикувам македонските елити да не продолжат со распнувањето, расчеречувањето, разнебитувањето на Македонија.