Евакуираните македонски државјани од Израел, кои преку Египет се враќаат во Македонија, се очекува да пристигнат на Меѓународниот аеродром Скопје околу 20 часот.
Како што информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, на аеродромот ќе ги пречека заменик-министерот Зоран Димитровски.
Во меѓувреме, македонските дипломатско-конзуларни претставништва продолжуваат да собираат информации за граѓаните кои се наоѓаат во други подрачја погодени од воениот конфликт. До денес, за помош се обратиле 505 македонски државјани во Амбасадата во Абу Даби, 31 лице во Кувајт, 14 во Бахреин и 141 во Доха.
Од Министерството најавуваат дека во наредните денови се очекува да започне и евакуацијата на македонските граѓани од Обединетите Арапски Емирати, како и на оние кои се наоѓаат во Катар, Бахреин и Кувајт. Според планот, тие ќе бидат транспортирани со организирани летови преку Кралството Саудиска Арабија.
Процесот на евакуација, како што посочуваат од ресорното Министерство, се спроведува според претходно утврден план, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции.
Воедно, Министерството ги повикува сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони, а сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, да го направат тоа што е можно поскоро преку дежурните телефонски линии или преку СОС-бројот на МНРиНТ.


































