„Нова Македонија“ со повеќе написи ќе објавува каде се и што работат нашите најдобри дипломци
ОБРАЗОВАНИЕ – Каде се нашите најдобри студенти?
Најмалку очекуваниот предизвик во животот на еден студент по медицина е дека од студентските клупи директно ќе се вклучи во борбата против најголемата светска пандемија во поновата историја. Особено во време кога на почетокот од пандемијата и медицината беше немоќна пред непознатиот вирус. Такво искуство има 25-годишната докторка Ева Палчевска, која како првенец на генерација во 2020 година на Медицинскиот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, студиите по општа медицина ги завршила со просек 9,91. По завршувањето на студиите, веднаш почнала да работи во ковид-центар во приватна болница.
Таа вели дека секојдневната работа со пациенти во жариштето на ковид-19 знае да биде исцрпувачка, но истовремено е и големо искуство, токму на почетокот на нејзината кариера како доктор. Според неа, пандемијата го променила целиот свет, а со тоа донела и промени и во медицината.
– Работењето во ковид-центар е голем предизвик, се зголемува со секој нов бран кој доаѓа и прави неверојатен притисок врз целиот здравствен систем. Несомнено е дека младите лекари пристапуваат со голема енергија и сила во оваа пандемија, заедно со поискусните колеги од различни специјалности. Но, на моменти знае да биде исцрпувачки. Она што останува да видиме е како ова искуство ќе влијае на сите нас млади лекари во иднина – вели таа.
Иден гинеколог кој иднината ја гледа во Македонија
Таа била растена во семејство во кое постојано се зборувало за медицината.
– Сум била сведок на моментите на задоволство и среќа кога на луѓето им се дава соодветна грижа и помош. Животот со татко гинеколог-акушер и дедото професор по гинекологија и акушерство, ми ја всади љубовта кон медицината уште од мали нозе. Иако завршив средно гимназиско образование, уште од основно училиште знаев кој е мојот избор на факултет – вели Палчевска.
Пред да ја одбере медицината, нејзините родители отворено ѝ ги посочиле сите предизвици кои ги носи оваа професија. Таа, сепак, била сигурна во изборот. Сѐ уште не запишала специјализација, зашто таа и останатите колеги од нејзината генерација се во исчекување на конкурс за специјализација. Нејзината кариера ја гледа во нашата земја.
– Моја лична желба е да запишам специјализација по гинекологија и акушерство, но тоа зависи и од голем број други фактори. Отсекогаш сум ја сакала, пред сѐ, работата со пациенти. Првично планирам да се фокусирам на клиничка работа и специјализација, а се надевам дека подоцна во животот ќе ми се пружи можност и за напредок на академско поле. Времето ќе покаже дали желбата ќе стане реалност – додава Палчевска.
Мотив за учење – здравјето на идните пациенти
Студиите за Ева биле еден од поубавите периоди во животот.
– Го учев тоа што го сакав. Но, чувството на исполнетост го направија и познанствата и силните пријателства со кои се стекнав во тој период од шест години. Иако на моменти имаше и стресни искуства – низ смеа вели таа. Сепак, уште од почетокот, на студиите гледала како предизвик кој треба да се остварува чекор по чекор.
– Како што се нижеа испитите, давав максимум за нивно подготвување. Сакав да знам што е можно подобро и повеќе. Испитот не го гледав како оценка, туку како материјал кој треба да се совлада. Високите оцени и високиот просек на крајот беа резултат на мојот труд и желбата сопственото знаење да го применам во подобрување на здравјето на моите идни пациенти – раскажува Ева.
Сепак, посочува дека за да студираш општа медицина потребни се многу љубов, многу посветеност и темелно учење.
– Има моменти во кои факултетот бара голема жртва, моменти кога притисокот е голем. Тогаш, студентот мора да има нешто што ќе го води напред, а тоа може да е само љубовта кон медицината како наука – вели младата докторка.
Клиничките предмети и биле омилени, пред се гинекологија и акушерство, интерна медицина, хирургија, анестезиологија со реанимација и судска медицина.
– Сѐ уште го помнам полагање на усниот испит биохемија 1, кој ми беше последен од една исцрпувачка јануарска сесија. Испитот траеше долго. Но, кога заврши професорката имаше многу пофални зборови за мене. Ги помнам зборовите кои и денес ми претставуваат мотив, токму сега кога работам како доктор – објаснува Палчевска.
Затоа и идните студенти на медицина ги советува да уживаат во студиите колку што е возможно, зашто иако факултетот носи огромен број обврски, сепак е еден од најубавите и побезгрижни периоди од животот.
Младиот кадар е надеж за македонското здравство
Палчевска вели дека студентите треба да се мотивираат уште од почеток на студиите, прво со подобрување на условите на факултетите и условите во студентските домови, како и со препознавање на вистинскиот квалитет и искористување на потенцијалите на студентите.
– Државата треба навреме да ги препознае квалитетните студенти и веднаш по завршување на факултетот да им понуди место за вработување и напредок во кариерата, особено кога станува збор за лекарите кои за жал сѐ повеќе се дефицитарни. Со тоа квалитетот на младиот кадар би обезбедил напредок на македонското здравство – додава таа.
Во таа насока Палчевска и смета дека на македонскиот образовен систем му требаат повеќе промени.
– Конкретно за нашата професија, факултетот треба да се стреми да понуди што поголема можност за учење на практична работа. Курикулумот е преоптеретен со теорија, која сметам дека може да е поинаку организирана, оставајќи повеќе простор и време за поминување на студентските денови во работа со пациенти – заклучува Палчевска.