По претставувањето на носителите на највисоки функции во новата Европска комисија
– Првото назначување комесар за европска безбедност е потврда дека Урсула фон дер Лајен во вториот мандат како шефица на ЕК ќе игра тврдо со Русија, но се отвора прашањето дали тоа значи ставање на проширувањето на побавен колосек
– Проширувањето е најболното прашање за Македонија, рак-рана за идентитетот што го остави во наследство владата на Заев и идентитетски амбис потпишан од Бујар Османи во Протоколот 2 со Бугарија, за што сега Мицкоски и неговиот тим се обидуваат да најдат решение со Брисел
Белиот чад се крена над Брисел, што означи дека Урсула фон дер Лајен ја состави новата комисија, практично владата на Европската Унија, која наредниот месец треба да биде изгласана во Европскиот парламент. Имаше многу маневри, заткулисни игри, изневерени очекувања, казнети политички играчи и една новост – ЕУ воведува комесар за одбрана. Ако ЕУ и Европа политички се оддалечуваат од центарот и свртуваат со голема брзина во десно (Германија, Франција и Холандија пред сѐ), можеме да констатираме дека со назначувањето на поранешниот премиер на Литванија, Андриус Кубилиус, да го води новото портфолио во доменот на одбраната, ЕУ се движи кон милитаризација. И Марио Драги во својот предлог за иднината на Европа им посвети особено внимание на безбедносните ризици (Русија, изборот на Трамп, Кина) и потребата од поголеми инвестиции во одбранбениот сектор, а тоа значи и во наменската индустрија што ќе доведе до поголемо производство на оружје.
Начелно, во бриселски кругови се оперира со цифра од 500 милијарди евра за мандатот на Фон дер Лајен од пет години во период кога ќе треба да се достигне одредено ниво на европски безбедносен пакт. Тој проект ќе биде под надзор на Кубилиус, кој практично нема да има воена функција, но ќе се грижи политички да обезбеди европска одбранбена кохезија. Како ќе оди тоа, особено во комуникацијата со големите држави и армии, останува да покаже практиката.
Но клучно е што германската политичарка Фон дер Лајен наскоро и официјално ќе почне нов, втор мандат, кој го почнува силно, со политички пораки дека ЕУ е решена да продолжи да стои зад Украина. На извесен начин тоа може да се смета и како еден вид излезна стратегија за европската безбедност, очекувајќи победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД во ноември.
НА БРИСЕЛСКИОТ НИШАН
Кои се големите прашања за новата комисија и за ЕУ (иако од Брисел велат за Европа)? Според наши брифери што ја следат работата на ЕК, сега е приоритет Украина, односно пораки до Русија и до претседателот Владимир Путин дека помошта за таа земја ќе продолжи, а секако и воено.
– Ако на Москва ѝ требаше потсетник дека Брисел сè уште стои зад Киев, денеска го доби. Урсула фон дер Лајен беше силна застапничка за поддршка на Украина во нејзината војна против Русија, а тоа се рефлектира во нејзината загатка за вториот мандат. Двајца номинирани од Балтикот добиваат клучни портфолија во справувањето со односите со Русија. Покрај Естонката Каја Калас, која е шефица за надворешна политика на ЕУ, Литванецот Андриус Кубилиус ќе биде задолжен за новосоздаденото одбранбено портфолио. Кубилиус ќе поднесе извештај до финскиот комесар, извршен потпретседател за технологија, суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен. Хелсинки е еден од најтешките критичари на Русија во Европа – коментира порталот „Политико“.
Второто прашање се однесува на Кина, која успева да земе огромен колач на светскиот пазар, но и во Европа, и напорите да се најде каква било амортизација за нејзините успешни трговски политики. Отворање трговска војна со Кина не се очекува да биде поддржано на ниво на ЕУ. Но никогаш не се знае. Третото прашање се односите со Америка доколку победи Трамп, а ако се случи тоа, дневниот ред на Фон дер Лајен може да се испреврти. Како четврто прашање ќе биде кохезијата, а потоа се редат другите приоритети, меѓу кои и прашањето за проширувањето. Дали давајќи ѝ приоритет на одбраната, ќе трпи процесот на проширување?
„ПРЕДЛОГ ПЛУС“ И БРИСЕЛСКО-БУГАРСКА РАМПА
За нас тоа е болно прашање, но и тешка точка, нашиот Рубикон преку кој одиме во идентитетски амбис. Дали премиерот Христијан Мицкоски ќе успее да ја „продаде“ македонската приказна во Брисел е прашање што може да се одговори со еден збор, но, сепак, во дипломатијата има дреболии што можат многу да значат. Затоа ќе биде добро да почекаме на пораките од Брисел што ќе ги упатат Урсула фон дер Лајен и Христијан Мицкоски.
Од она што сега е извесно, се знае дека Албанија е наредната што ќе отвори поглавје и таа ќе биде на нов колосек со Брисел, продолжува и Црна Гора, а изненадувањето може да се вика Молдавија, која може да биде ставена на забрзан европски колосек. Каде е Македонија? Околу шансите да го отвориме првото поглавје. еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи рече дека тоа зависи од нас самите, односно останува да се види, а тоа „да се види“ ќе го разгледуваат два дена во Брисел на високо ниво ЕУ и Македонија.
Кои се очекувањата, што може реално да се случи, дали планот на Мицкоски за таканаречениот „француски предлог плус“ може да ја помине бриселската (бугарската) рампа? Може ли Брисел да прифати одложено дејство на уставните измени? Познавач на процесот на преговорите, кој до детали го познава тоа досие, вели дека такво нешто во моментов е неверојатно.
– За Брисел не е позната формулата одложено дејство, а и ако се сакало такво нешто, тогаш тоа требало да се бара пред две години. Сега рамката е затворена, таа е цврста и има многу прашања за кои, исто така, која било држава би барала одложено дејство. Мислам дека Мицкоски и неговиот тим сега ќе дојдат пред ѕидот на реалноста. Она што се очекува е како ќе го спакуваат тоа Фон дер Лајен и Мицкоски и како веста да се пренесе во Скопје – вели нашиот извор кој инсистираше на анонимност.
Сликовито кажано, тоа е како кога на дете му давате сируп и му велите дека не горчи, а во друго лажиче имате мед за конечно, иако сирупот горчи, сепак горчливиот вкус да го заблажите. Тоа лажиче мед може да се нарече ветување од Брисел дека не нѐ заборавиле, а наше е да го спроведеме тоа на што сме се обврзале и на реформите што се потребни.
На прашањето до нашиот соговорник каде е клучниот проблем, тој ни посочи дека нашата „рак-рана“ е Протоколот 2 поврзан со Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија и притоа вели дека за нас исто така се лоши Охридскиот и Преспанскиот договор, „но тоа е веќе големата приказна“.
– Она што најмногу зачадува е зошто претходната влада, која ги остави овие долги и опасни опашки, за кои сега немаме решение и трпиме сериозни последици, не се придржуваше до усвоената резолуција во Собранието во 2021 година. Зошто се дозволи владата на Заев да влезе во такви преговори со Бугарија, а целата работа со протоколите да ја заврши министерот за надворешни работи Бујар Османи. Ако ја земеме предвид и моќта на Грција во ЕУ, многу лесно можеме да дојдеме до заклучок каде сме, какви се нашите позиции и можности и што можеме да очекуваме – истакнува нашиот соговорник.