Фото: Игор Бансколиев

 Состојбата со штенечак ескалира, а кучиња со нервни симптоми можат да се забележат во речиси секоја населба во Скопје. Простор за паника кај сопствениците на домашни миленици нема, иако болеста е широко распространета низ целата држава уште од пред една година. Одговорноста останува лично на сопствениците да си ги вакцинираат милениците. Главните препораки за заштита од штенечак се редовна вакцинација од заразни болести, да се избегнува групирање на миленикот со други кучиња, како и да не се земаат домашни миленици од сомнителни легла.

Статистиката вели дека во државава нивото на вакцинирани домашни кучиња е ниска, а тоа води кон зголемена можност за ширење на болеста. Кучињата треба да се вакцинираат еднаш годишно против беснило кое е законска обврска и против заразни болести што е препорачливо токму заради заштита на милениците од заразни заболувања како штенечакот.

Во демекври минатата година во Јавното претпријатие „Лајка“ се појави првиот случај со штенечак кај куче, но оттаму за МИА велат дека со болеста веќе се справиле така што воспоставиле ограничено движење на вработените во различни оддели (карантин, постоператива и вдомување), донеле забрана за заловување и враќање на бездомните кучиња во период од 30 дена, ги вакцинирале или ревакцинирале сите кучиња, темелно постојано дезинфицирале и поставиле на влезовите, односно излезите дезинфекциски бариери. Исто така и процесот на вдомување на кучињата бил ставен привремено во мирување. Инаку, како што посочуваат од „Лајка“ дел од овие мерки остануваат  секојдневната пракса во прифатилиштето.

 

 Не би можеле да кажеме дека болеста во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ се прошири, таква ситуација немавме. На пример, кучињата кои подолго време престојуваат кај нас, не заболеа од оваа болест. Најчесто се заразуваа новодојдени кучиња кои чекаа да бидат подложени на третман. Ова ни кажува дека сепак кучињата развиваат и имунитет на болеста, дополнително на тоа кај нас застоените кучиња се редовно вакцинирани против заразни болести, што веројатно придонесе да не се разболат. Штенечакот во Скопје се појави една година наназад и со цел да превенираме ширење на истата во неколку наврати вршевме теренска вакцинација на локации посочени од активисти – наведуваат од „Лајка“ за МИА.

Куче кое ќе покаже и најмал симптом во претпријатието веднаш се тестира и во моментов таму нема куче кое е позитивно и болно од штенечак.

– Можеме да кажеме дека успеавме да се справиме со болеста и смртноста кај заболените кучиња во ЈП „Лајка“ беше многу ниска – посочува тимот на „Лајка“.

Оттаму наведуваат дека внимаваат да не заловат или да не внесат куче болно со штенечак, поради превенција од нејзино проширување во прифатилиштето, што би ги спречило во вршење на нивната основна дејност.

-Доколку некое куче во ЈП „Лајка“ пројави првични симптоми, кучето веднаш се тестира, се става во изолација и се става на терапија. Откако кучето ќе оздрави, се подложува на целиот хуман третман. Во периодот кога бевме под карантин секое куче пред да се врати на локација го тестиравме за штенечак за да превенираме ширење на болеста во градот – посочија од „Лајка“.

Граѓаните кои се заинтересирани да вдомат куче од прифатилиштето на ЈП „Лајка“ не треба да бидат загрижени, бидејќи секое куче пред да се врати на локација или пред да се вдоми, се тестира за штенечак. Сите кучиња кои се вдомени во овој временски период биле комплетно здрави.

ЈП Лајка“, како што посочуваат, е претпријатие чија примарна задача е контрола на уличната популација на кучиња и таа не е организирана и опремена за лекување на пациенти, туку за брз хуман третман на кучиња и не располага со основни услови за целосна дијагностика.

 

Штенечак е болест која знае да биде фатална по здравјето и животот на кучињата, но доколку кучето е редовно вакцинирано опасноста за заразување е значајно намалена.

Штенечак или Febris infectiosa canis е многу заразно вирусно заболување од кое може да заболат сите старосни категории невакцинирани кучиња, сепак најчесто младите на старост од три до осум месеци.

Како што појаснува за МИА ветеринарката Велика Мерзаноска болеста ја предизвикува вирус од фамилијата Paramixoviridae род Morbili кој има афинитет кон клетките на епителот кој се наоѓа во различни ткива и органи во телото на кучето, доста отпорен на ниски температури додека високи температури и дезинфекциони средства го уништуваат за кратко време. Затоа, посочува, болеста се појавува во студените месеци од годината.

Постојат следните форми на штенечак секоја со своја клиничка манифестација: респираторната форма се јавува кога вирусот ќе навлезе во епителот на органите за дишење и таму како резултат на неговото делување животното кашла,дишењето е отежнато се јавува гноен исцедок од носот и очитедигестивна форма се манифестира повраќање, пролив и тешка дехидратација на кучетонервна форма се јавува две до три недели по инфекцијата животното има епилептични напади, миоклонус и слепило, доколку ја преживеат имаат трајни последицикожната форма која се јавува само кај возрасните кучиња се карактеризира со орожување на кожата на шепите и носот со формирање на орожнати печурки.

Кај младите единки каде забите се во фаза на раст поради недостаток на забна глеќ се формира т.н. штенечаково забало.

 

Една од фазите на болеста е развој на нервна форма и доколку кучето оздрави и ја прележи болеста тиковите од нервната фаза остануваат доживотно, но тоа не значи дека кучето е заразно. Но, исто така во ветерината постои и податокот дека 25 до 75 отсто од кучињата може воопшто да не покажуваат симптоми, а да го шират вирусот.

За среќа вирусот има краток живот на површини. Вирусот се пренесува аеросолно, како и со директен контакт на здраво со болно куче преку исцедокот од очите и носот, кашлањето, повратената содржина, проливот итн. Адекватен лек против вирусите кој би можел да се применува во ветеринарната пракса нема, па затоа лекувањето е сведено на симптоматска терапија, примена на антибиотици од поновата генерација кои имаат широк спектар на делување против бактериите предизвикувачи на секундарни инфекции на пример пневмонијата, како и друга пропратна терапија.

Превентивата е најважна кога станува збор за болеста штенечак, пред се вакцинацијата.

-Вообичаено првата вакцина се аплицира на шест-седум недели старост, втората на десет недели старост, а третата на 14 недели старост на кучето. Се вакцинираат сите старосни категории на кучиња еднаш годишно до крајот на животот. Сите нововнесени, сомителни кучиња да поминат карантин и да се тестираат, бидејки постојат брзи крвни тесови со висока точност. Ветеринарот врз основа на анамнестичките податоци и симптомите кај кучето може да одлучи и направи брз тест како навремено би се потврдило или исклучило постоењето на болеста кај домашниот миленик – вели д-р. Мерзаноска за МИА.

Таа нагласува дека паниката кај сопствениците е нормална реакција со оглед на тоа што во последниве години информативно сме бомбардирани со корона вирусот и неговите соеви, односно со ковид пандемијата. Таа апелира на свесност и разбирање на предностите од вакцинација на домашните миленици/кучињата наместо паника.

-Но, како да постапиме со домашните миленици кои се возрасни со хронични болести и кои се под терапија, кучиња во постоперативен период, имунокомпромитирани кучиња и други состојби каде превентивната вакцинација не може да се спроведе. Сите вие кои се соочувате со ваква состојба на миленикот побарајте совет од вашиот ветеринарен лекар кој најдетално и точно ќе ви даде насоки како да постапите со цел да го заштитите вашиот миленик од оваа болест – апелира Мерзановска за МИА.

Штенечакот се појавува во силни бранови, има сериозни последици кај кучињата и висока смртност. Затоа борбата со болеста е преку превенција односно редовна вакцинација, одговорното сопствеништво и борба против неконтролирано размножување на домашните миленици, борба против напуштање на домашни миленици, стерилизација на домашните миленици. Штенечакот не може да се пренесе од куче на човек.